Отворање на групната меѓународна изложба „Периферии“ во Охрид и Струга

Од 25 до 27 април во Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид и Europe House Струга ќе се одржи групната меѓународна изложба „Периферии“. 

Како што информираат организаторите, оваа изложба настанала за време на триесетдневната резиденција на осуммина меѓународни уметници кои престојувале во Охрид како дел од проектот „ПРОСПЕР: ПРОтотип за одржливи резиденции на ПЕРиферии“. 

Идејата на резиденцијата била да се инспирираат уметниците да пронајдат врска помеѓу нивната авторска практика и кревката околина на Охридското Езеро и неговите жители.

„На изложбата може да се видат делата на: Јара Асмар, Клаудио Беоркија, Јулија Ехлер , Кафар Рзаев, како и перформативно поетско читање на Ката Ѓорфи. Делови од програмата се случуваат и на самото Езеро и во неговата околина. Муралите на Марија Видовиќ може да се видат на повеќе локации во Охрид, а воденото медитативно звучно доживување на The New Liquidity – Андерс Ехлин и Селма Бошкаило се случува на Езерото“, велат организаторите.

Тие додаваат дека резиденцијата ја реализирале 5 организации и тоа, Перипетија Продукција и ЛДА Струга, ЛУП – Грција, Ехо анимато – Србија и Ојун  – Германија. Целиот проект бил кофинансиран од програмата „Креативна Европа на Европската Унија“, и од Министерството за култура на Република Северна Македонија. 

Изложбата „Периферии“ е реализирана со поддршка на Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид и Europe House – Струга.