Одбиена е тужбата на мајката на Навални дека тој не добивал соодветна грижа во затвор

by Fokus

Тужбата што ја поднесе мајката на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, во која се наведува дека тој не добил соодветна медицинска нега во затворот каде ја отслужил казната и починал, е одбиена бидејќи Навални лично не поднел жалба, изјави поранешниот помошник на Навални, Иван Жданов.

Жданов рече дека судот во малиот град Лабитнанги, во близина на затворот каде што почина Навални, ја отфрлил тужбата со образложение дека обвинител мора да биде самиот Навални, објави Ројтерс.

– Алексеј повеќепати поднесувал тужби поради необезбедување медицинска нега во затворите – напиша Жданов на Телеграм.

Тој изјави дека „сега кога е убиен, со потсмев ги демантираат тврдењата на неговото семејство“.

Руските затворски власти објавија дека 47-годишниот Навални се онесвестил и починал на 16 февруари откако прошетал пред затворот „Поларниот волк“, каде што издржувал тридецениска казна.

Тимот на Навални подоцна објави дека во неговата смртна потврда е наведено дека тој починал од природна смрт.

Поврзани новости