Имам нешто да те прашам

Тијана Дапчевиќ: Во Новата година живејте го моментот сега, бидејќи вчера веќе не постои (Фото+Видео)

Таа е една од најпознатите македонски музички имиња која што живее и работи во соседна Србија. Има голем број на хитови зад себе, а е и позната актерка. Ула е нејзиното име во ситкомот „Преспав“ и е одлична во она што го работи. 2023-та ќе ја памети по убави нешта поврзани со нејзиниот син, а за неа и не треба посебна еуфорија доколку сака да шопингува или да подари некому нешто. Во Новата година сака да направи голем концерт во Белград, во што и посакуваме се најдобро и голема поддршка. Верува во Дедо Мраз и секоја му пишува писмо со сакани желби.

Почитувани читатели на музичкиот портал Музика24, во нашето последно интервју од новогодишниот серијал на интервјуа, Ви оставаме да уживате и да се забавувате во одговорите на единствената Тијана Дапчевиќ

Ви благодариме што секојдневно ги читавте нашите новогодишни интервјуа и што уживавте со секое од нив оделно. Уживајте и во последното од нив.

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Тијана Дапчевиќ: 2023-та толку брзо ми помина, буквално како да поминле два месеца. Сето ова што го имате наведено во Вашето прашање едноставно само помина покрај мене, бидејќи веројатно јас сум најнеинформираната личност на планетава. Ниту читам вести, нуту пак гледам вести. Трошам онолку колку што имам и тоа е тоа. А по што ќе ја паметам 2023-та? Па по тоа што се е поврзано со син ми. Прво што се запиша во средна музичка гимназија „Јосип Славински“ овде во Белград и што почна да прави своја музика. И што може да се пофали со моментално милион и триста и нешто илјади следбеници или слушачи на неговиот Спотифај канал. И што беше во Амстердам заедно со татко му на пет дневна екскурзија благодарение на неговата издавачка куќа „Блек севентин“ за која што ја издава својата музика под нивни лејбел. Беше нив да ги запознае и беше на концерт на таа најголема моментално ѕвезда на фонк музиката, тоа е електроника која што се бави и син ми. И син ми ја прави таа музика. Така што тоа ми е една од светлите точки, најубавите точки кои што се случија во 2023-та година. И нормално конечно што ја снимивме седмата сезона од македонскиот ситком „Преспав“ кој што веќе се емитува на првиот канал на Македонската телевизија. Ете по што ќе ја паметам 2023-та, воглавно по убави работи, а неубавите работи ги оставам зад себе.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која според Вас песна ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Тијана Дапчевиќ: Песна која што го привлекува моето внимание и мене ми е хит и на рипит од моментот откако се сними и откако почна да се емитува е „Торнадо“ на Тамара Тодевска.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најnубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Тијана Дапчевиќ: Што се однесува до шопингот и трошењето на пари јас сум секогаш еуфорична. Мене не ми треба Нова година и новогодишна еуфорија. Не сум нешто претерано еуфорична за Нова година, затоа што еве веќе скоро 27 години наназад пејам за Нова година, така што немам некоја еуфорија.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Тијана Дапчевиќ: Па најбитно ми е да човекот на кој што му е наменет подарокот има врска со него. Многу сакам да подарувам и сакам да добивам подароци. И не е битно дали е тоа Нова година, дали е роденден, или е онака без врска… сакам да подарувам, но битно ми е и се водам по тоа да има некоја врска со личноста која што се дарува.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Тијана Дапчевиќ: Моите другарки имаат обичај да кажат, единствено само Тијана ни се јавува да не праша како сме и што правиме, а не да се јави само кога нешто и треба. Така што сметам дека треба да биде составен дел од сите нас, од нашите животи да блиските луѓе ги прашуваме дали се добро, дали се среќни, дали им треба помош, дали им треба прегратка… За себе сметам дека сум благословена, со самото тоа сум среќна што сум опкружена со луѓето кои што ги сакам и што енергетски ми одговараат. Фала му на Бога сите околу мене се здрави и живи така што немам причина да бидам несреќна. И нормално, природно инсистирам сите околу мене да бидат среќни и да бидам секогаш расположена. Кога не сум расположена тогаш се затворам во четири ѕида и не ги вознемирувам останатите со мојата мака ако ја имам. Но тоа е моментално и имам свои методи со кои што го отстранувам тоа.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Тијана Дапчевиќ: Секој ден во последниве неколку недели го започнувам со „Сречна ти нова година нова“, прекрасна една песна која што во 90-те ја пееја доста изведувачи од Србија. Песната е на Влада Дивјан, а имаме прилика деновиве со Леонтина и со детското хорче „Чаролија“ да ја пееме на детски концерти низ целиот регион. Неодамна бевме во Виена, така што со таа нумера ми почнува денот веќе со недели.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Тијана Дапчевиќ: Нормално дека верувам во Дедо Мраз, како да не верувам во Дедо Мраз. И секоја година ја имам истата желба и за мене и за сите околу мене и за сите кои што ги сакам и ми се драги. И за сите луѓе во овој свет да бидат спокојни, да бидат среќни, да бидат здрави… Затоа што мирот и спокојот со ништо не може да се купи. Така што на сите им посакувам да бидат спокојни, мирни, здрави и среќни. А тоа го посакувам и тоа е пораката до Дедо Мраз.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Тијана Дапчевиќ: Дефинитивно, она што сакам да се случи во 2024-та година е конечно да направам солистички концерт во Белград. Веќе сум во преговори со две концертни сали и тоа е она што моментално ме окупира професионално поврзано со 2024-та година. И конечно да ги сминам оние три песни кои што седат во фиока веќе извесно време.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Тијана Дапчевиќ: За Нова година преку ден сум на Београд на води, каде што се случува зимска бајка каде што имам детски концерт заедно со Леонтина, Ивана Негатив и со детското хорче „Чаролија“. Вечерта ќе бидам дома, фала му на Бога за прв пат после незнам колку години. А веќе на 1 јануари сум во Тузла на плоштадот имам голем концерт.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Тијана Дапчевиќ: Мислам дека веќе ви ги споменав моите желби кои ми се упатени кон Дедо Мраз. Секоја година му пишувам писмо со желби на Дедо Мраз. Тие се желбите. Сите да бидат здрави, среќни, спокојни и мирни. И да не мислат на утре, бидејќи најбитно е да се живее моментот – сега. Моментите, убавите моменти се битни тие да ги живееме сега затоа што вчера веќе не постои. Тоа се моите желби.

Бакнежи и Среќна нова година! Чао!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: