Села: Таравари избега од партијата и постапи по наредба на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ

од Vladimir Zorba

Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села во интервју за МИА, во однос на раздорот во Алијанса за Албанците вели дека Таравари избегал од партијата и дека постапил по наредба на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Од каде знаеше Мицкоски три недели претходно дека ќе се случи тоа, прашува Села.

– Арбен Таравари избега од партијата, не дека се работеше за несогласности. Се до тој момент се согласувавме за се. Кога отваравме тема за коалицирање со г. Таравари, се залагавме сами да одиме на избори и одеднаш по се изгледа доби наредба од некаде, а тој по се изгледа е г. Мицкоски кој три недели пред тоа изјави дека ако Алијанса за Албанците не се приклучи кон т.н. албанска опозиција, АА ќе биде поделена на две крила. Од каде знаеше г. Мицкоски за тоа три недели пред да се случи тоа? Значи по се изгледа следејќи ги чекорите и настаните што се случија, г. Таравари е под директна наредба на г. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Зошто, треба тој да објасни. Значи тој избега од партијата, вели Села.

За коалицирањето со ДУИ вели дека по случувањата во партијата на располагање имале две можности – или да не одат на избори или да коалицираат. Можноста да не настапат на изборите, според Села, не доаѓала предвид затоа што, вели, тоа би им одело во прилог на сите политички поединци и партии кои сакаат да ја снема Алијанса за Албанците од политичката сцена, а тој тоа нема да го дозволи. Одлуката да коалицираат со Европскиот фронт, како што посочува, била донесена на Централното собрание.

– Во политиката секогаш велам дека носиш одлуки со политичките алатки што ги имаш во моментот. Јас не можам да донесам одлука со политичките алатки кои ги имав пред една година, бидејќи веќе ги немам. Во моментот кога требаше да одлучиме како АА, имавме само две можности – да не учествуваме на изборите бидејќи немавме можност, немавме печат или да се приклучиме кон една коалиција. И тоа беше одлуката донесена од страна на Централното собрание на партијата да се приклучиме на коалицијата „Европски фронт“, посочува Села.

Слични содржини