Гори на осум места: Пожарот кај Селца се уште активен

од Nikola Popovski

Пожарот кај тетовско село Селца сè уште е активен. И денеска на терен се противпожарните екипи од Тетово, ренџерите од Националниот парк Шар планина, а вклучени се и хеликоптери од Министерството за внатрешни работи.

Опасност за соседното село Лавце нема, а пожарот е далеку и од другите населени места, соопштуваат од Центарот за управување на кризи. Оттаму информираат дека се евидентирани 22 пожари на отворено, од нив осум сè уште се активни.

Други активни пожари има во село Гургурница (Општина Брвеница), помеѓу селото Сретково и селото Церово, кај одморалиштето „Бунец“ (Општина Маврово – Ростуше), а и кај село Горјане (Општина Врапчиште).

Гори и кај месноста Темна Бука, кон Китка и кај Кадина Река во Општина Студеничани, каде што гори високостеблена борова шума. Пријава за пожар има и во село Црвена Вода (Општина Студеничани).

Активен е пожарот над село Острец, на Баба Планина. Гори сува трева, лисја и гранки и нема опасност по населени места и Националниот парк Пелистер.

Синоќа избувнал пожар на отворен простор кај село Горно Јаболчиште во Општина Чашка каде што гори букова шума.

Од ЦУК апелираат да не се пали вегетација на отворено, за редовно чистење на локалните одводни канали, а и да не се фрлаат отпадоци во нив.

Слични содржини