Странски служби најдоа луѓе да го запрат проектот со литиумот и растот на Србија, вели Вучиќ


За развој на рудникот за литиум во Србија компанијата наводно досега издвоила 200 милиони долари

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, гостувајќи во утринската програма на ТВ Пинк, зборуваше и за литиумот, при што рече дека се уште тврди дека е направена грешка што се прекинати сите активности со литиумот и за тоа ги обвини странските служби кои нашле луѓе да го запрат напредокот на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Мислеа дека сум луд затоа што само јас зборував за литиумот. Сето тоа можевме да го направиме по највисоки светски стандарди и да ни процвета тој дел од Србија. А зошто не го направивме тоа, бидејќи странските служби тука најдоа луѓе кои ќе го запрат развојот на Србија, изјави Вучиќ.

-Ќе имавме три до четири проценти поголем раст на годишно ниво. За десет години ќе стигневме до средно развиена европска земја. Србија се уште е економски најдобрата земја во регионот и ќе бевме уште подобри. Јасно ми е зошто го направија тоа странците. Тие сакаат дисбаланс, Србија да не може да оди погоре, туку да мораат да ја контролираат. Затоа го направија тоа со литиумот и ја забавија нашата држава. Утре владата да донесе друга одлука, а нема, изгубивме пет години. Имаме литиум, имаме молибден кој е неопходен за оружје. Имаме и калцит, карбонат како и да му е името. Богати сме ама не можеме да го користиме тоа, бидејќи рударството како гранка кај нас не постои, рече Вучиќ.