Муцунски: Повеќе од 350.000 граѓани ја избраа чесноста на Силјановска Давкова

од Nikola Popovski

Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски вчера се случи почетокот на крајот на власта на СДСМ и ДУИ. Како што изјави тој денес на прес-конференција, граѓаните дадоа жолт картон на корумпираната власт, и црвен картон на политичките партии кои донесоа понижувања, национален срам и порази.

Пратеничката Гордана Силјановска-Давкова според последните резултати освои 362.682 гласови и има повеќе од двојна предност пред Стево Пендаровски кој освои околу 180.000 гласови. Во исто време кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ победи во 60 општини, а Пендаровски само во две општини.

-Народот бара промени, граѓаните сакаат власт која ќе се грижи за државата и која ќе има капацитет да испорача резултати, реформи, подобар живот, европски стандарди во здравството, образованието, правосудството, и земјоделството. Влада која ќе ги направи потребните економски реформи и кои ќе донесат повеќе работни места, повисок стандард, поголеми плати и пензии, помала сиромаштија и инфлација.

Не чека многу работа. Најпрво сега со вас граѓаните да ја донесеме победата на кандидатката Гордана Силјановска Давкова и на пратеничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, а потоа уште повеќе заедничка работа и посветеност за да ја направиме Македонија повторно горда и повторно твоја, истакна Муцунски.

Според последните информации од ДИК и обработени податоци, трет е Бујар Османи, Арбен Таравари е на четврто место, Максим Димитриевски е петти, Билјана Ванковска на шесто место и Стевчо Јакимовски е седми по ред по освоени гласови. Одѕивот на првиот круг од претседателските избори е над 48 проценти.

За попладнево е најавена седница на ДИК за конечните резултати.

Слични содржини