Карадакоски починал од директно оштетување на дишните патишта од пламенот кој го вдишал во „Пулс

Министерот за здравство Арбен Таравари со огромно жалење информираше дека еден од 116-те пациенти што беа испратени на лекување во странство Александар Карадакоски, починал во Литванија. Тој според министерот бил најтешкиот пациент кому му откажало функционирањето и на бубрезите. Пред да почине бил ставен на дијализа а имал изгореници од втор и трет степен на 36 проценти од телото.

-Би сакал да изразам сочувство до семејството. Пациентот кој почина Александар Карадакоски имаше 29 години и беше испратен на 17-ти март, ден после несреќата во Кочани. Беше хоспитализиран во старата градска болница, рече министерот.

Директорот на старата градска болница доктор Небојша Настов изрази сочувство до семејството на починатиот Карадакоски. Тој пред да замине во Литванија на лекување се лекувал во старата градска болница.

-Околу 6 часот утрината беше кај нас во болницата. Во текот на денот на 16-ти март дојде до влошување на неговата состојба во попладневните часови имаше потреба од интубација односно механичка вентилација. Истиот е интубиран и поставен на апарати за вештачко дишење. Продолживме со неговиот интензивен третман и обработка на изгорениците. Морам да напоменам дека вкупната површина на изгореници кои ги имаше е 36 проценти и тоа претежно во пределот на главата, вратот и горните екстремитети со длабочина од втор и трет степен што самото по себе кажува за интензитетот на пламенот што го има зафатено. Заради делот од чадовите што ги вдишал доаѓа до оштетување на внатрешните дишни органи што е потврдено од колегите во Литванија, рече доктор Настов.

Анестезиолозите во Литванија информирале дека е оштетен голем дел од неговото дишно стебло и како последица на тоа доаѓа до влошување на состојбата што резултирало со смрт кај 29 годишниот Александар Карадаковски. Тој со медицински санитетски авион беше префрлен во Литванија непосредно по пожарот, но сите обиди да се спаси неговиот живот беа неуспешни.

-Мора да бидеме свесни дека поголемите повреди и поголемите изгореници не секогаш завршуваат онака како што сите сакаме да завршат, додаде Настов. 

Директорот додаде дека смртта кај Карадакоски настапила поради директно оштетување на дишните патишта од пламенот кој го вдишал во „Пулс“. Карадакоски беше управител на фирмата „МММ Кафе“ ДООЕЛ – која што управувала со дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тој е 60-тата жртва на пожарот. Карадакоски работел како шанкер во дискотеката, а вистинскиот сопственик е Дејан Јованов-Деко.

Во странство остануваат да се лекуваат 78 пациенти од кобниот пожар во дискотеката во Кочани која функционирала на диво – „Пулс“. Тројца од пациентите во странство се во критична и нестабилна состојба. Во државата се 14 пациенти од кои 5 ќе бидат испишани на домашно лекување.

Шест пациенти се враќаат од лекување во странство, по двајца од Бугарија, Шпанија и Унгарија. Тие се стабилни и добри но по протоколите ќе бидат хоспитализирани 1 ден во македонските болници по што ќе бидат пуштени на домашно лекување, информираше Таравари.

Пронајдете не на следниве мрежи: