ЕУ ќе продолжи со целосен ангажман во процесот на проширување, порача белгискиот крал Филип 


– Европската интеграција навистина е одлучно патување кое го спроведуваме етапа по етапа и пред нас сега претстојат преговорите со некои од нашите партнери од Источното партнерство и Западниот Балкан, порача денеска белгискиот крал Филип во обраќање пред Европскиот парламент во Брисел.


 – Во претстојните месеци треба да спроведеме суштинска анализа за иднината на нашата Унија, а пред нас исто така се и бројни предизвици поврзани со прашањето на проширувањето и ќе продолжиме со нашиот целосен ангажман во работата на тоа подрачје, изјави кралот Филип.


 Тој нагласи дека во такви услови ЕУ мора да има долгорочна визија и да ја земе судбината во свои раце.  – Проширувањето на ЕУ подразбира и нејзино зајакнување.

Дваесет и седумте земји членки ќе мора да дејствуваат порешително, посебно ако добиеме нови земји членки, истакна белгискиот крал.


 Според него, богатото наследство на предците на денешните Европејци, придонесе за изградбата на сегашниот идентитет на жителите на ЕУ.

 – Тие разлики и спој на култури не збогатуваат на значителен начин и ја поврзуваат нашата судбина со судбините на другите, со што не поттикнуваат на другите и на следните генерации да им оставиме стабилен и просперитетен свет, нагласи белгискиот крал.


 Тој нагласи дека во овој период на војни и нестабилност во кој Белгија претседава со Советот на ЕУ, на светот повеќе од кога било му е неопходна надеж.

 – Надежта се разликува од соништата затоа што се потпира на факти. Надежта е уверување дека подобрата и поубава иднина е на дофат на раката и дека можеме да ја достигнеме.


Често се говори за несогласувања во рамките на Унијата, меѓутоа нашата поддршка на Украина покажа дека сме во состојба да носиме важни и единствени одлуки.

Војната во Украина е и наша битка, битка за обрана на нашата безбедност и нашите вредности, заклучи кралот Филип.

 Според него, ЕУ мора да се посвети на одбрана своите вредности, на демократијата и на слободата.  – Ме загрижува намалувањето на довербата во нашите институции и растот на автократијата во светот.

Затоа сметам дека нашите институции треба да се подобрат со зголемување на довербата во нивното функционирање.

Усвоените политики мора да одговораат на основните стравувања на нашите граѓани и да им понудат конкретни резултати.

Затоа мора посилно да ги вклучиме граѓаните во самите демократски процеси, додаде белгискиот крал.

 Тој нагласи дека демократијата не е само гаранција на слободите и правата, туку и на хуманите вредности.

– Човекот мора да е клучот на се и не може да биде во сопственост на една држава или да се користи за создавање на еден лидер на верска или етничка група.

Европа е татковина на хуманоста и затоа мора да биде двигател на геополитиката на човечноста, потенцира кралот Филип во обраќањето пред Европарламентот. сп/Фото: ЕБС-скриншот .

Извор: МИА