Бурни реакции во Србија предизвика вчерашната изјава на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека „Македонија е коспонзор на резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница“.

– Тоа е цинизмот што постои на нашите простори, дека е важно да се води антисрпска политика и уште на сето тоа нѐ повикуваат да учествуваме во тоа. Дали треба да бидеме на страната на нацистите за да бидеме почитувани, изјави Дачиќ на ТВ Б92.

Српски новости ја пренесува изјавата на поранешниот српски министер за одбрана и внатрешни работи Вулин кој потсетува дека Србија е единствениот сосед кој не побарал промена на Уставот, името, историјата, јазикот на Македонија

– Делевме со нив лекови во текот на Ковид-пандемијата, им отстапувавме од нашите резерви на жито, брашно и шеќер, а Српската православна црква (СПЦ) на Македонската црква ѝ овозможи независност и име. С. Македонија за сето тоа на Србите им се заблагодари со признавање на т.н. Косово, а сега и со полетно учество во резолуција која треба Србите да ги прогласи за геноциден народ. Знаат „С. Македонци“ дека нивниот глас не значи ништо, ни кога се одлучува за нивното име или јазик, а уште помалку за Србите, па затоа можеле барем да се воздржат доколку не можат да ја поддржат Србија. С. Македонија треба покрај името и историјата да го смени и јазикот, како што и бараат Бугарите, навистина е глупаво да користат речник во кој немаат зборови за чест, благодарност, пријателство, слобода, срам, изјави Вулин.

Османи денеска е без реакција, но вчера порача дека не очекува овој чекор да ги наруши односите со Србија.

Денеска реагираа и српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателот на Република Српска, Милорад Додиќ, кои порачаа дека „Меѓународниот суд на правдата утврдил дека Србија на ниту еден начин не е одговорна за наводен геноцид во Сребреница“.

Со Резолуцијата се бара 11 јули да се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање на жртвите во 1995 година.