Вознемирена Србинка од Дубаи: „Метрото и авионските писти се под вода, ситуацијата е надвор од контрола“

1017

Сѐ изгледа како од некој апокалиптичен филм, сѐ е запрено. Никој не очекуваше ваква ситуација. Мештаните ми велат дека вакви поплави немало во последните 75 години, вели белграѓанка за српски „Блиц“, опишувајќи драматичните сцени од поплавениот Дубаи.

Како што рече, целиот град е потопен, па туристите не излегуваат надвор бидејќи мештаните ги известиле за забраната за движење.

– Авионите не можат да полетуваат поради поплавените писти, градот стана една голема река и нема каде да одиме. Ова е состојба на опсада. Метрото е целосно под вода – вели вознемирената белграѓанка.

Посочува и дека состојбата е катастрофална, а луѓето се заробени во своите домови.

– Овде е целосен хаос, градот е под вода. Луѓето се во паника, ова навистина е надвор од контрола – заклучува таа.

Да потсетиме, поплавите и вчера продолжија да бидат проблем во Дубаи. Очајните семејства се обидоа да побегнат од градот, но снимката на социјалните мрежи од аеродромот во Дубаи, еден од најпрометните аеродроми во светот, покажа дека патниците спијат на подот додека чекаат летови.

За еден ден во Дубаи падна дожд колку што паѓа на годишно ниво. На едно од видеата од аеродромот се гледа како авион едвај се движи поради количеството вода на пистата.

Сведоците на аеродромот рекоа дека немало празни места во чекалната.

Снимките од Дубаи покажуваат поплавени скапи автомобили оставени на сред улица додека нивните сопственици се обидувале да се спасат.

Од терасите летале предмети како столици и маси, во трговските центри паѓале покриви, а сопствениците на продавници се обидувале очајно да си ја спасат робата.