На улица во Скопје излегоа администрацијата и неколку синдикати – бараат повисоки плати

Незадоволството и револтот се истурија по улиците на македонската престолнина. Во Скопје протестира администрацијата и неколку синдикати, бараат повисоки плати за достоинствен живот. Сето ова доаѓа откако функционерите си ги покачија платите за речиси 80%.

Врие и меѓу здравствените работници, коишто преку синдикатот побараа менување на Колективниот договор, покачување на ефективниот додаток, како и воведување на бенифициран стаж за вработените. Да се потсетиме, дека токму СДСМ во предизборната кампања ветуваше поголеми плати за сите здравствени работници.

Вработените од судската и јавнообвинителската служба штрајкуваат од 27 септември. Бараат исплата на додатоците на плата и зголемување на платите за 78 проценти – колку што беа зголемени платите на функционерите.

Во исто време на предупредувачки штрајк излезе и Синдикалната организација на Судскиот Совет, со барање да им бидат вратени додатоците на плата, укинати од март годинава.

Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралповски, во изјава за медиумите посочи дека додатоците на плата кои што им следуваат согласно Колективниот договор, биле укинати во март годинава. Преговорите за мирно решавање на спорот истекуваат на 3 или 4 декември, по што се најавува генерален штрајк.