Состојбата со недостигот на кадар во туристичко-угостителскиот сектор е рефлексија на тоа што се случувало низ годините и како ние сме ги третирале човечките ресурси не само во оваа индустрија, вели директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски.

Начинот на недостаток на стратегија низ годините и развојни планови ги даваат резултатите сега. Но, тоа што можеме сега да го градиме е како за наредните десет години да создадеме стручни кадри коишто во одредени сегменти на економијата ќе овозможат раст. Во туристичката индустрија велиме растот во дестинациите ќе биде успорен во зависност каков квалитет даваме, бидејќи услугата е многу значајна. Во овој момент треба да се изработат одредени студии. Очекувам тоа да го направат коморите, здруженијата коишто ќе понудат дополнителни решенија на Владата за заеднички натаму да се овозможи вистинско третирање на кадрите и соработка помеѓу бизнисот и средните стручни училишта, вели Јаневски.

Додава дека заеднички со туристичката индустрија се повеќе работат во задржување и мотивирање на работната сила, а Агенцијата во периодот којшто е пред нас активно ќе ги посети сите стручни училишта во сегментот на туризмот и гастрономијата. Покрај запознавање на состојбата, за некаде одприлика месец ипол заедно со туристичкиот сектор, вели Јаневски, ќе излезат со конкретни предлози со коишто ќе се овозможи амортизирање и подобрување на состојбата со работната сила.

Според мене и покрај тоа што можеби во некои економски гранки треба да имаме увоз на работна сила, сепак, исто така, треба да имаме план како низ годините истата работна сила да ја добиеме од домашни ресурси, да создадеме квалитетни менаџери коишто ќе имаат понатаму европски и светски практики во туристичката индустрија. Минатата недела бев во Охрид во средното угостителско училиште каде имаме помеѓу 70-80 ученици кои и сега да не заминат се многу малку за претстојните сезони. Но, исто така, уочив некои одредени елементи на недостаток на соработка помеѓу одредени институции.

Потребна е, вели, уште поголема соработка на бизнис заедницата со средните стручни училишта се со цел кадрите коишто ќе излезат веќе во трета и четврта година да почнат со работа и да имаат веќе професионални ангажмани, договори со коишто ќе ја видат иднината тука.

Можеби и платата ако гледаме со бројот на изработени часови на друго место и кај нас може да биде слична, сепак е нарушена довербата која прво треба да биде изградена, а потоа да се увиди дека таа струка треба да се врати на вистинските гранки и дека низ годините луѓето кои работат во туризмот и угостителството може да го креираат својот професионален развој дома, додава Јаневски.

Потенцира дека се потребни брзо да се направат истражувања и анализи и веќе за следната година да има одредени решенија.

Средношколците, пак, кои го посетија Саемот за сезонско вработување во туризмот кој се одржува денес и утре во Охрид  велат би сакале да работат, да имаат своја плата, да не зависат од родителите. Заинтересирани се за хотелите кои нудат повеќе можности, сакаат да стекнат работно искуство за во иднина.

Никола Божиноски, менаџер на хотел во Охрид кои се дел од Саемот, вели од кадар им недостасуваат келнери, кувари, помошници во кујна, рецепционери, технички персонал..

Во овие моменти е многу тешко да се најде персонал. Знаеме сите што ни се случува во земјата со иселување на младите. Многу заминуваат во западно-европските земји, во Хрватска, каде работат неколку месеци, а имаат голем прилив на пари и им се вреднува работата. Недостигот на кадар е последица од минатите години, каде имало мали плати, луѓето беа незадоволни, работеа прекувремено неплатени часови. Тоа е најголемиот проблем што ни се случува и сега треба да работиме на тоа како истото да го подобриме.

Мораме, додава Божиноски, да се грижиме за кадрите, ако се млади, неискусни да ги обучуваме во однос на потребите, да правиме реорганизации, обуки, за да останат луѓето тука.

Во овој момент не сме моќни како држава да ги постигнеме плаќањата кои им се нудат во Хрватска, но кај нас реално сите плати кои ги земаат вработените во овој сектор се повисоки од минималната, па дури и од таа сега што ќе биде минимална. Разговараме за плата без платена работа во недела, за празници, дополнителни работни часови. Гледаме во секој поглед да им излеземе во пресрет на луѓето, да не ни заминуваат од државата, туку да останат тука, да градат кариера. Во овој момент немаме опција за кадар, мора да бидат средношколци. Има и луѓе кои доаѓаат да работат од други градови и им се нуди и сместување само за да останат. Мислам дека наредната година ќе биде уште полоша, а како држава мораме да се грижиме, да им дадеме услови на луѓето кои бараат работа за да останат тука, потенцира Божиноски.

Инаку, според податоците на АППТ, туристичката индустрија во 2022 година во македонската економија влеала околу 480 милиони долари туристички промет, кој е за 21% подобар од најдобрата година во туризмот односно во 2019.

Н.С.Ј.