Македонија

(Видео) Дознавме кој ја пробил акцијата „Планина“, имаме докази, откри Спасовски

Познато е кој ја пробил акцијата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, наречена „Планина“ која се однесува на наркобосови од Грчец и Гази Баба. Доказите се наоѓаат во комуникациите кои ги имале преку апликацијата „Скај“, откри ексклузивно ексминистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

„Акцијата Планина беше водена од Обвинителството, оперативците од МВР дознаа за неа пред вршењето на претресите. Сакам да ви кажам ексклузивно, тоа што го најавив за ‘Скај’ апликацијата, ќе ја открие оваа енигма, јас очекувам дека ќе продолжи работата на МВР за да се откријат доказите и точно ќе ви биде познато кој ја пробил оваа акција“, рече Спасовски.

Во подкастот „Претрес со Ландов“ тој одговараше дали позади тоа стои обвинител, вработен во МВР, високо позициониран функционер.

„Таму постои одговор на прашањето кој ја пробил акцијата“, додаде Спасовски.

Акцијата беше пробиена, пред сè од страна на групата од Грчец, па шест наркобоса се во бегство, а местата каде што ја чувале дрогата биле расчистени и при претресите не се пронајдени значителни количини, ги нема ниту луксузните автомобили што ги користеле наркобосовите од Грчец. Од некои се пронајдени само клучевите, од други ниту тоа.

На почеток