Русија ја означи организацијата „Фридом Хаус“ за непожелна

Руското државно обвинителство објави дека ја означило невладината организација за човекови права „Фридом Хаус“ за непожелна во земјата, пренесува Н1.

Во соопштението на обвинителството се наведува дека од почетокот на руската „специјална воена операција“ во Украина, организацијата „активно учествувала во промовирањето на политиката на непријателските држави во врска со руско-украинскиот конфликт“.

Образложението е дека „Фридом Хаус“ „повикува на сеопфатна помош за украинската војска, конфискација на замрзнатиот руски имот во корист на Украина и зголемен притисок за санкциите“.

Покрај тоа, државното обвинителство тврди и дека организацијата обезбедува информативна, финансиска, правна и друга поддршка на руските опозициски структури, прозападните активисти, ЛГБТ активистите, заедниците кои ги бранат нивните интереси и лицата осудени за терористички злосторства.

„Фридом Хаус“ која е со седиште во Вашингтон е основана во 1941 година, а повеќе од четири децении ја истражува состојбата на политичките и граѓанските права ширум светот.