Наскоро во земјава ќе има повеќе станови отколку жители!?

Дончо Герасимовски, демограф/Фото: Слободен печат

Во земјава се намалува населението, а се зголемува бројот на градбите. Тоа доведува до нерамномерен развој, до депопулација, до одземање земјоделското земјиште за да стане градежно и до низа други појави на кои треба да им се посвети поголемо внимание од надлежните институции, што побрзо.

Познато е дека податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите даваат најобемни и најсодржајни податоци за состојбата во земјава за населението, домаќинствата и становите по територијален принцип на ниво на држава, региони, општини и населени места. Затоа и пописите се спроведуваат по подолг временски период, односно на секои десет години. Последниот попис е спроведен во 2021 година и беа попишани 893.174 станови од кои во 534.987 се живее постојано (63,4%), а ненаселени се 307.187 или 36,6%. Така е сега, но состојбите може да се следат и на месечно и на годишно ниво – како и колку се издаваат одобренија и се градат станови. Овие податоци овозможуваат да знаеме колку и каде се градат станови. Затоа ќе напоменам дека во 2022 година во земјава се издадени 3.930 одобренија за градење и со нив треба да се изградат 6.994 стана. Дадените одобренија се однесуваат за повеќе видови градби – високоградба, нискоградба и реконструкција.

Во првите три месеци од 2023 година, прв квартал, издадени се 1.157 одобренија за градба според кои треба да се изградат 2.449 стана. Најмногу во регионите Скопски, Југозападен, Вардарски, Југоисточен и Полошки. Од општините, најмногу станови ќе се изградат во Карпош – 713, во Кавадарци 322, Аеродром 259, Струга 208, Охрид 151, Центар 143, Дојран 104, потоа следуваат Тетово, Гостивар, Штип, Струмица, Гевгелија итн. За разлика од нив, во Битола, Куманово, Прилеп и во другите има помала градба, односно помалку издадени одобренија за градење.

Во однос на издавањето одобренија за градење кои се добиваат од локалните единици, постојат општини што во наведениот период немаат издадено одобрение за градење, а со тоа нема ни станови што треба да се градат и општини што имаат издадено одобренија за градење, а во кои нема градба на станови. Општини штпо немаат издадено одобренија за градење се Ѓорче Петров, Центар Жупа, Дебрца, Долнени и Македонски Брод, а општини во кои ќе нема градба на станови се Арачиново (која и во подолг период нема издадено решение), Кисела Вода, Зелениково, Крушево, Липково, Старо Нагоричане, Могила, Новаци, Сарај, Карбинци и Шуто Оризари.

За разлика од нив во поголем број рурални општини се издадени поголем број одобренија за градење и има многу станови за градење. Такви се Илинден, Желино, Петровец, Боговиње, Врапчиште, Брвеница, Јегуновце, Теарце, Босилово, Василево и други.

Според дадените состојби, лесно може да се анализира каде и колку се гради –  во поедини општини навистина има голема градежна експанзија. Но, треба да се анализираат и повеќе други компоненти, имајќи ги предвид бројот на населението, населените места, површината на општините, иселувањето, возраста на населението итн. Податоците од пописот покажуваат дека се намалува населението во руралните општини, односно дека се зголемува во градовите – 61,6% од населението живее во градовите или 1.131.356 жители, 205 населени места се празни. Значи дека се пренаселуваат градовите во Скопскиот регион (општини), а се намалува и во руралните и во урбаните општини во Југозападниот и во Полошкиот регион, но слично е и со другите региони и општини.

Со вакви анализи се доаѓа до познатото сознание дека во земјава се намалува населението, а се зголемува бројот на градбите. Тоа доведува до нерамномерен развој, до депопулација, односно до празнење на регионите и општините, до одземање земјоделско земјиште за да стане градежно и до низа други појави на кои треба да им се посвети поголемо внимание од надлежните институции, што побрзо. Постојано слушаме дека се преземаат мерки и активности, но тие треба брзо да се применат. Населението се намалува како по природен пат, а уште повеќе со иселувањето на младите, стануваме земја на возрасно, на старо население, во училиштата има сè помалку ученици, потребата од стручни кадри на пазарот на трудот е сè поголема итн.

(Авторот е статистичар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот