Владиниот план за чист воздух е пример како не треба да се работи

Со Татјана Чакулев, еко-активист, зборуваме околу загадувањето на Скопје и можностите тоа да се намали…

 Скопје, и повеќе други градови, пред извесно време повторно беа во врвот според загаденоста на воздухот и во светски рамки. Дали тоа ве изненади?

– Не е изненадување, со оглед дека во меѓувреме не се преземни соодветни мерки за намалување на загадувањето, особено во зимскиот период. Начинот на греење е еден од главните фактори за високото загадување со ПМ2.5 и ПМ10 во овој период. Нема јавни објекти кои го сменија начинот на греење од мазут/нафта главно. За објектите под централна власт, како болници, здравствени домови, касарни, универзитети, административни згради, оставено е секое министерство да си спроведе промена на начинот на греење, тогаш кога ќе одлучи. За објектите под локална власт, како училиштата, градинките… оставено е исто. Бројот на домаќинства кои се загреваат на дрва/јаглен/нафта не е намален. Недостасуваат соодветни субвенции и потребни финансии алоцирани на годишно ниво. За Скопје и други индустриски градови, недостасува примена на најдобрите достапни технологии и замена на мазутот/јагленот/коксот со гас онаму каде тоа технологијата го овозможува. Законот за контрола на индустриските емисии, кој дава можност за построги гранични вредности на емисиите од индустријата, не е уште донесен. Онака како што е сега формулиран, законот е планирано да стапи на сила 2 години од неговото носење, а потоа индустријата ќе има уште 4+1 години време за да го спроведе. Зборуваме за промени кои би се ефектуирале некаде 2030 година, ако сега се донесе законот.

 Во Скопје главни извори на загадувањето на воздухот се горењето на дрва и мазут, сообраќајот… Како да се надмине ова?

– Има само еден начин, овие извори на загадување да се намалат. Во Скопје е потребно да се донесе забрана за користење на мазут/нафта/јаглен за загревање. Потребни се континуирани комбинирани инвестиции за помош на домаќинствата за замена на начинот на греење, доминантно од дрва на друг начин, кои ги нема. Индустријата и сите производствени капацитети во градот, секаде каде е тоа можно, мазутот, коксот, јагленот да го заменат со користење на гас. Сево ова треба да се дефинира во новиот План за подобрување на квалитет на воздухот во агломерација Скопски регион, со точни таргети и мерки за да дојдеме до прифатливо загадување. Тоа ќе значи и дефинирање на посебен режим на сообраќај во зимските месеци. Во летните месеци почвената, градежна прашина е доминантен извор на загадување, што значи дека и овој сегмент треба да има точни мерки и регулации. Потоа, секако, клучно ќе биде овој План да се спроведува согласно планираното, за да има ефект.

Пред пет години Владата донесе План за чист воздух со бројни мерки. Дали, тој се остварува?

– Планот за чист воздух беше со многу краток век и уште на самиот почеток направен со многу фалинки, без јасни таргети и без следење на спроведувањето и ефикасноста на мерките, кои и самите не беа точно и прецизно дефинирани. Овој план траеше две години, колку и стратешката програма на Владата за намалување на аерозагадувањето, која се воведе во 2019 година, а во 2021 година веќе замре. Планот за чист воздух е пример како не треба да се работи. Аерозагадувањето е сериозен проблем кој бара интерсекторски пристап и усогласување на централо и локално ниво, со заеднички координиран пристап и зацртани цели. Но потребна е ефикасност во таквото делување. Интерскеторската работна група при Министерството за животна средина требаше да биде тоа тело, но начинот како беше структуирана и како функционираше, не се покажа ефикасен. Но тоа не значи дека вакво тело не е потребно, само укажува дека треба да се концепира на поинаков начин за да функционира ефикасно и даде резултати.

Што е ургентно потребно да се направи во Македонија во претстојниот период?

– Да се утврдат точни мерки, да се одвојат потребни финансии и да се спроведат. Носење на нов План за подобрување на квалитет на воздухот во агломерација Скопски регион каде би се одредило кога забраната за греење на мазут/нафта/јаглен за загревање би стапила на сила, а кога греењето на дрва би се исклучило од одредени делови на градот. Вакви планови е потребно да донесе секоја општина со повеќе од 35.000 жители, согласно законот.

Претходна вестВремето денеска променливо облачно со слаб локален дожд
Следна вестУапсен е тетовецот кој со камион прегази три лица