Грковска: Владата ги задолжи институциите да го зголемат обемот на информации што ги објавуваат на своите веб-страни

Владата на Република Северна Македонија на денешната седница ја прифатила Иницијативата на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, институциите од јавниот сектор да го зголемат обемот на информации од јавен карактер што ги објавуваат на своите веб-страници. Со тоа, велат дека значајно ќе се унапреди транспарентноста и отчетноста на институциите.

Во соработка со Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер и Центарот за управување со промени, кабинетот на вицепремиерката Грковска подготвил Упатство за подобрување на транспарентноста на институциите од јавниот сектор, во кое се содржани податоци за информациите кои граѓаните најчесто ги бараат поделени во 37 области. Ова следувало по претходна анализа на информациите што граѓаните, медиумите, граѓанскиот сектор ги барале врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Сите иматели на информации во рок од шест месеци треба да ги објават информациите што ги поседуваат, систематизирани по области како што е наведено во Упатството за подобрување на транспарентноста на институциите од јавен сектор. На овој начин, оценува вицепремиерката Грковска, се зголемува транспарентноста на институциите, се овозможува полесен пристап до информациите од јавен карактер, но и се зголемува и надзорот врз работата на јавните институции“, велат од Владата.

Во рок од 15 дена, министерствата, органите во нивен состав, самостојните органи на државната управа, државни органи кои одговараат пред Владата, јавните претпријатија основани од владата, акционерските друштва во државна сопственост, како и други иматели на информации треба задолжително да ги објават информациите од член 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Од Владата велат дека ова се однесува на информациите кои досега не се објавени, а објавените информации посочија дека треба редовно да ги ажурираат на месечно ниво.

„Истовремено сите иматели на информации на своите веб-локации треба да ги објават анонимизирани барањата за пристап до информации од јавен карактер, заедно со одговорите кои веќе ги доставиле до барателот, со цел да можат да бидат повторно употребувани од други физички и правни лица. Истовремено, се задолжуваат сите иматели на информации најдоцна во рок од шест месеци од усвојувањето на оваа информација да постават банер со наслов ‘информации oд јавен карактер’ на видливо место на нивните веб-локации и истиот да води до информациите од јавен карактер“, посочуваат од Владата.