Изложбата „Уметници и бегалци“ во Чифте амам

Во галеријата Чифте амам во Старата скопска чаршија, утревечер во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Уметници и бегалци“. Изложбата е базирана на автентични сведочења раскажани од страна на украинските бегалци директно на уметниците вклучени во оваа изложба за време на нивната посета на бегалсикте заедници во Романија на почетокот на март годинава. На изложбата со свои дела ќе се претстават македонските уметници Ѓорѓе Јовановиќ, Маја Танева и Озбек Ајваз, Бутринт Паша, Диела Вала и Андин Бакија од Косово и Серхи Тиекхов од Украина.

Изложбата ја организираат Центарот за современи уметности од Скопје, „Сбункер“ од Приштина и WIN – Мрежа за интеграција на жените од Букурешт. Целта на проектот е да ги раскаже искуствата од војната и агресијата врз Украина. Примарна цел на проектот е да ги поттикне бегалците да ги споделат своите приказни за агресија со светот, користејќи ја емоционалната моќ на уметноста и посветеноста на уметниците за да ги трансформираат овие приказни и сведоштва во уметнички дела.

– Изработените уметнички дела кои што се претставени создаваат отворена порта за гласовите на бегалците од Украина да се слушнат во другите делови на светот преку универзалниот јазик на уметноста, придонесувајќи на тој начин во борбата со лажните вести и наративи кои се однесуваат на агресијата врз Украина – велат од Центарот за современи уметности.

Уметничките дела на оваа изложба се претставени во различни медиуми. Од чисти скулпторски форми на Маја Танева и Андин Бакија, до мобилни скулптури кои создаваат уникатна инсталација на мобилите на Ѓорѓе Јовановиќ. Делото на Озбек Ајваз во вид на скулптурална инсталација изработена од метал бара интеракција со публиката за да се добие целосна слика за уметничкото дело. Косовските уметници Диела Вала и украинскиот уметник Серхи Тиехов решија да ги споделат своите ставови и изразување преку класичните медиуми на сликање користејќи различни техники и пристапи. Бутринит Паша како изведувачки уметник и театарски режисер се обидува да ја вклучи публиката со својата монодрама создадена во стил на извонреден театар насловена како „Кој ја сака мојата земја“.

- Реклама -