Израелските власти уплашени дека Хаг ќе ги апси


 
Израелските власти се загрижени дека Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг може да издаде налози за апсење на водачите на земјата по меѓународниот притисок поради војната на Израел против Хамас во Појасот Газа, објави Асошиејтед прес (АП). Израелските медиуми објавија дека главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, Карим Кан, уште во текот на оваа недела може да издаде налог за апсење против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галант и началникот на Генералштабот Херзи Халев, поради обвинение за  воени злосторства извршени во Појасот Газа. Израелските амбасади беа предупредени дека треба да се подготват и за „антисемитски, антиеврејски и антиизраелски бран низ целиот свет“, а зголемени се и мерките за безбедност околу еврејските институции.
 

Пред три години Меѓународниот кривичен суд започна истрага за можни воени злосторства извршени од Израел и палестинските милитанти кои датираат од војната меѓу Израел и Хамас во 2014 година, но не даде никакви индикации за можни налози за апсење. АП пренесува дека судот веднаш не ги коментирал наводите за можни налози за апсење на израелски официјални лица.

Израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека ги информирало израелските мисии за „гласините“ дека може да бидат издадени налози против високи политички и воени функционери. Не е јасно што ја предизвикало загриженоста на Израел, пренесува АП.

„Очекуваме судот да спречи издавање налози за апсење на високи израелски функционери“, рече министерот за надворешни работи Израел Кац, додавајќи дека таквите налози ќе го „зајакнат моралот“ на Хамас и другите милитантни групи.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 26 април рече дека Израел „никогаш нема да прифати каков било обид на Меѓународниот кривичен суд да го поткопа неговото вродено право на самоодбрана“.

„Заканата да се заробат војниците и функционерите на единствената блискоисточна демократија и единствената еврејска држава во светот е срамота. Ние нема да и се поклониме“, рече Нетанјаху во објава на мрежата X.

Истрагата на Меѓународниот кривичен суд опфаќа наводи кои датираат од војната во Газа во 2014 година, како и израелската изградба на еврејски населби на окупираната територија што Палестинците ја сакаат за нивната идна држава. Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, за време на посетата на регионот во декември рече дека истрагата напредува и дека тој инсистира да се дејствува „не врз основа на емоции, туку врз основа на цврсти докази“.

Ниту Израел, ниту неговиот близок сојузник САД ја прифаќаат јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд, но потенцијалните налози за апсење би можеле да ги стават израелските функционери во ризик од апсење во други земји признати од Меѓународниот кривичен суд. 

Израел ги отфрли обвиненијата и го обвини судот за пристрасност и истовремено го обвини Хамас за геноцид за нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година со кој започна војната. Хамас упадна во воените бази и кибуци низ јужен Израел, убивајќи околу 1 200 луѓе, главно цивили, а зеде околу 250 заложници. Како одговор, Израел започна сеопфатна воздушна, морска и копнена офанзива во која загинаа повеќе од 34.000 Палестинци, главно жени и деца, според Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас.Како резултат на војната, околу 80 отсто од населението на Газа, околу 2,3 милиони луѓе, ги напуштија своите домови, додека северот на Газа беше доведен до работ на глад.Израел исто така најави дека ќе ја прошири својата копнена офанзива кон градот Рафа во јужниот дел на Газа, каде што повеќе од милион Палестинци побараа засолниште од војната. Израел тврди дека Рафа е последното упориште на Хамас.

Паралелно, американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во Ријад изјави дека се надева дека палестинското движење Хамас ќе ја прифати „исклучително дарежливата“ понуда за запирање на израелската офанзива во Појасот Газа во замена за ослободување на заложниците.

„Хамас има понуда пред себе која е крајно, крајно дарежлива од израелска страна“, рече Блинкен на Светскиот економски форум. Тој нагласи дека Хамас мора брзо да донесе одлука за понудата.

„Се надевам дека ќе донесат правилна одлука“, рече Блинкен.

Делегација на Хамас денеска треба да престојува во Каиро за да преговара за прекин на огнот во Газа. Во саботата, висок функционер на Хамас, Калил ал-Хаја, рече дека групата го разгледува предлогот на Израел, но не даде детали. Тој истакна дека понудата на Израел за примирје е одговор на предлогот на Хамас испратен пред две недели. Светските медиуми објавија дека предлогот предвидува примирјето, доколку биде склучено, да биде претставено како „хуманитарен прекин на огнот“. Хамас ќе ги ослободи заложниците во замена за неколкунеделен прекин на огнот и ослободување на палестинските затвореници во израелските затвори.

Разговорите се во застој за двете главни прашања. Хамас бара израелските трупи да се повлечат од Газа и да го прекинат конфликтот и бара детали за бројот и имињата на палестинските затвореници во израелските затвори. Некои извештаи сугерираат дека Израел покажал подготвеност да направи дополнителни отстапки во иднина, вклучително повлекување на силите кои го преполовија Појасот Газа и дозвола жителите да се вратат на север.

Израелските медиуми објавија дека главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, Карим Кан, уште во текот на оваа недела може да издаде налог за апсење против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галант и началникот на Генералштабот Херзи Халев, поради обвинение за  воени злосторства извршени во Појасот Газа.

Весникот „Тајмс оф Израел“ известува дека израелската влада многу сериозно ја сфаќа оваа можност и, како што вели израелски претставник од Министерството за надворешни работи, „дејствуваме секаде каде што можеме“. Израелските амбасади беа предупредени дека треба да се подготват и за „антисемитски, антиеврејски и антиизраелски бран низ целиот свет“, а зголемени се и мерките за безбедност околу еврејските институции.