Митев: Нашата одбрана ќе биде клучна, да го запреме главното оружје на Фарските Острови

Македонските ракометари ги продолжуваат подготовките за бараж-двомечот со Фарските Острови, откако од вчера националниот тим се комплетираше со пристигнувањето на Никола Митревски и Филип Талески.

Марко Митев беше еден од клучните играчи на последниот европски шампионат во јануари, а од младиот бек од Алкалоид се очекува да преземе одговорност на претстојните пресметки со незгодниот ривал.

„Се собравме и работиме напорно во овие неколку дена. Свесни сме дека против нас имаме еден навистина квалитетен противник. Се подготвувавме на најдобар можен начин, внимаваме на сите детали во играта. Едно е сигурно, ќе дадеме се од себе да одиграме квалитетен меч на гостувањето против Фарските Острови, ќе се обидеме и да победиме ако ни се укаже шанса. Знаеме дека противникот игра брз ракомет, затоа клучна ќе биде нашата игра во одбрана, да го запреме нивното главно оружје. Секако, важно ќе биде и да бидеме на висина на задача во нападот, за да не и дозволиме лесни голови на противниците. Мислам дека гол-разликата ќе биде тесна, затоа е многу важен тој прв натпревар да заврши со добар резултат за нас“, изјави Митев.

Нашите ракометари утре наутро тргнуваат на пат за Торшавн, а првиот меч со Фарските Острови е закажан за среда.

Се вчитува...