Според д-р Рената Младеновска, директор на ДСЗИ, инспекторите контролата ја направиле по добиена анонимна претставка од група на вработени на Токсикологија. Се работи за лица и тоа пет медицински сестри,три болничари, еден лаборант и двајца биолози кои што четири месеци незаконски работеле. Тие имале статус на здравствени работници и соработници, на кои што договорот за работа им завршил на 31 декември 2023 година. На Токсикологија и е даден рок од пет дена да ги отстрани констатираните недостатоци, оти инспекторите повторно ќе проверат

 

 

Хаосот што се случува на Клиниката за токсикологија, го потврди и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Испекторите излегоа на терен и во вонрeдниот инспекциски надзор утврдиле дека пет медицински сестри,три болничари, еден лаборант и двајца биолози четири месеци незаконски работеле. Според д-р Рената Младеновска, директор на ДСЗИ, тие контролата ја направиле по добиена анонимна претставка од група на вработени на Токсикологија. Се работи за лица кои што имале статус на здравствени работници и соработници, на кои што договорот за работа им завршил на 31 декември 2023 година.

-Издадено е решение здравствени услуги на клиниката да се укажуваат од страна на здравствени работници, соработници кои имаат важечки договори.Исто така  здравствени услуги да се укажуваат од здравствени работници кои имаат соодветно образование. Медицинскиот и организацискиот директор  да ги извршуваат непречено обврските од самостојна, а особено заедничка надлежност-вели Младеновска и потенцира дека на Токсикологија и е даден рок од пет дена да ги отстрани констатираните недостатоци, оти испекторите ќе го проверат тоа.

Стручниот колегиум на Токсикологија  заедно со д-р Нико Беќаровски  деновиве јавно укажа за пробелите што се случуваат во клиниката. Според нив  секојдневно се случувало хаос кој што не бил виден досега. Се работи за долг од два милиони денари, но и бројни проблеми во текот на работењето, како што бил случајот со валидизирани резултати.Проблемите станале актуелни откако за вршителка на должноста е назначена организациската  директорка Бесија Илјази.Таа  со вработените комуницирала само на албански јазик, не зборувала македонски,за што користела преведувач. Истовремено Иљази не дозволила вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар, кои што биле неопходни за да се утврди каков вид на туење има пациентот.

Министерот за здравство Илир Демири застана во заштита на Илјази, а го пак разреши медицинскиот директор на клиниката, д-р Данил Петровски. За образованието на Иљази, лекарите не знаат ништо, ниту за познавањето на јазици – со оглед на тоа што македонскиот не го зборува. Вработените посочија дека  од првиот ден на функција, директорката на работа доаѓа со нејзиниот татко, кој како да има улога на обезбедување. Деновиве на таа излезе и на прес-конференција,но не даде одговор на македонски јазик, по што новинарите си заминаа.

Иљази беше назначена на 14 февруари, на ден пред формирањето на техничката влада.

Доктор Беќаровски веќе укажа дека на клиниката, доаѓаат невработени лица,  облекуваат мантили и доаѓаат и на визита. Тој потсетува дека за  изминативе шест години на Токсикологија се смениле пет директори.

-Секој  нов министер си носеше свои кадри, затоа  и стигнавме до седум-осум административци и две-три секретарки, реагира д-р Беќаровски кој на својот ФБ профил деновиве напиша дека по 35 години работа во јавното здравство, размислува  дека е време е во некоја од приватните болници да се отвори Одделение за детоксикација и клиничка токсикологија.

(В.Ма.)