Имам нешто да те прашам

Росана Сариќ Тодоровска: До сега требаше да научиме да не ги повторуваме грешките од минатото (Фото+Видео)

Таа е една од оние ретките кои во својата музичка кариера го имаат испеано можеби и најголемиот хит, кој се пее и слуша и ден денес. Фолк пејачка која знае што и како сака да отпее. За 2023-та вели дека имало и лоши, но и добри денови. Новата година ќе ја дочека во кругот на своите најблиски, а за себе вели дека среќна ја прави публиката и семејството.

Почитувани читатели, ексклузивно и новогодишно интервју со единствената и најдобра Росана Сариќ Тодоровска.

Уживајте во интервјуто!

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Росана Сариќ Тодоровска: Некако оваа година помина во знакот на неубави моменти кои сите од нас, на светско ниво, ќе сакаме да ги заборавиме што поскоро и да си посакаме никогаш да не се повторат. На индивидуален план, годинава ни беше турбулентна, најмногу поради нарушеното здравје на мојот татко. Но јас пробувам секогаш да најдам и нешто убаво во тешките моменти, па така доаѓањето на Маријана, ја одбележа годинава по убаво. Од убавите спомени, не можам а да не ги споменам соработката и настапите со Александар и Дац. Им благодарам на упорноста и истрајноста, да ме вратат на сцена. И секако, преблагодарна сум и за секој момент поминат со моите родители, мојот сопруг, децата, внуците и пријателите.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која песна според Вас ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Росана Сариќ Тодоровска: Несомнено, „Срце на робија” од Александар и Дац. Од преубавата музика, до текстот, до изведбата од нив двајца како големи професионалци.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Росана Сариќ Тодоеовска: Поголемиот дел од животот, секоја Нова година јас настапував. Тоа беа едни убави, весели, долги ноќи, каде што навистина се чувствуваше новогодишната еуфорија. Во последните неколку години, одбирам дочекот да го поминам помирно најчесто во кругот на блиски пријатели и тоа сега повеќе ми одговара. На младите останува да се дотераат, да излезат, да останат до доцна во ноќта и утредента да ги боли глава. Во поглед на еуфоријата, би сакала да има поголема жар градот. Да има убаво украсување, да има некој Божиќен и Новогодишен базар, едноставно да има нешто повеќе кое би не радувало и барем за момент би ни ги отргнало мислите од монотоното секојдневие. Со тоа што на средината на месец декември славиме роденден со Маријана, нас прославата ни почнува малку порано, а празничниот период некако традиционално во нашиот дом секогаш кулминира со чествувањето на Божиќ.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок? 

Росана Сариќ Тодоровска: Преферирам да одбирам подароци кои се корисни, кои ќе бидат повеќе од декорација. Обожувам парфеми и чанти, па на жените околу мене често знам тоа да им го подарам. За мажите некако секогаш ми е малку потешко, но пробувам да најдам подарок соодветен со карактерот на човекот. Сметам дека се што е подарено со добра мисла и од срце е многу повредно од материјалната вредност на подарокот. За возврат секогаш барам само една насмевка и прегратка. Преку нив се дознава колку си го „погодил” човекот.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Росана Сариќ Тодоровска: Среќата е релативна работа. Секој има своја замисла или извор на среќа. Јас сум среќна кога моите најблиски се пред се здрави и задоволни. Среќна ме прават и долгогодишните пријателства кои сме успеале да ги задржиме и негуваме. И среќна ме прави мојата публика што и покрај долг период апстиненција на сцена, секој мој настап го дочекуваат со огромна радост, со распродадени карти и громогласни аплаузи. Во семејство каде што има големи карактери како нашите, плус и еден актер, секогаш има некој кој стимулира убаво распложение, а во моментите на тага нашето кученце Лејди не ни дозволува да останеме тажни. Неверојатно е како животните чувствуваат кога нешто не е во ред со нивните луѓе.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле или би посакале воопшто да не се случило?

Росана Сариќ Тодоровска: Точно. Сите сме луѓе и сите грешиме. Големината е во тоа да знаеме да се извиниме и да знаеме да простиме. Само преку признавањето и простувањето, можеме вистински да продолжиме напред. Не велам дека не сум згрешила некому годинава, но сигурно тоа било ненамерно, а не со предумисла. Во однос на тоа дали посакувам некои работи воопшто да не се случиле, посакувам, да, но за жал на голем дел од нив, јас како поединец немам големо влијание. Најмногу од се, годинава посакував да нема повеќе војни, до сега требаше да научиме да не ги повторуваме грешките од минатото.

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно, дали денот го започнувате со песна и музика?

Росана Сариќ Тодоровска: Нема ден да помине без музика во нашиот дом. Постојано нешто врти во позадина. Морам да признаам дека во последно време често знам да ги потпевнувам песничките кои што ги слушаат моите внуци. Дури и ако не ги паметам текстовите, си ја потпевнувам мелодијата или си ги гледам видеата што ги имам снимено од нив двајца додека пеат и танцуваат.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Росана Сариќ Тодоровска: Кога сте баба, мора да верувате во Дедо Мраз. Да се потрудите да им ја пренесете таа магија и волшепство на внуците. Секоја година кога ја китиме елката се потсетуваме на писменцата што нашата ќерка ги пишување до Дедо Мраз. Преку нив, и нашите внуци, сеуште живее легендата за Дедо Мраз.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Росана Сариќ Тодоровска: Колку и да звучи клише, за себе и моите најблиски посакувам само здравје. Ако сме здрави и сите на брод се може да постигнеме и секоја идеја да ја реализираме.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Росана Сариќ Тодоровска: Како што веќе напоменав, дочекот за Нова година сакам да го поминам во домашна атмосфера. Годинава во игра се две опции. Или дочек со наши блиски пријатели или да ги чуваме внучињата, за младите да може да го прослават дочекот надвор од дома.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Росана Сариќ Тодоровска: Пред се, би сакала да им се заблагодарам на сите за долгогодишната доверба. Се надевам дека и во 2024-та година ќе имаме можност повторно да се дружиме и да ги пееме нашите хитови во еден глас. Посакувам на сите многу здравје, помалку нервози и стресни ситуации. Да си го чуваат мирот, зошто мирот е половина здравје. Да љубат и да бидат љубени и слободно да ги искажуваат своите емоции и чувства. На светот му треба повеќе луѓе полни со емпатија и разбирање, па нека 2024-та година биде еден чекор поблиску на патот до поубав свет.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: