Пред нешто повеќе од еден месец, поточно од 20 февруари, поголем дел од производите во маркетите се продаваат со замрзнати трговски маржи од 10 проценти, на ниво на цените кои се применувале во трговијата на големо и трговијата на мало на 1 февруари 2025 година.Оваа владина мерка имаше за цел да ги намали цените на производите неопходни за живот, што во делот на храната, што во делот на хигиената, а ќе трае до крајот на наредниот месец, април. Тоа значи дека нема рамазанска и велигденска кошничка, но има производи кои имаат намалени цени. Барем така треба да биде. Праксата пак говори дека секое влегување во маркет не доведува во состојба на шок. Да, има производи опфатени со повеќе акции на маркетите, кои можат да се најдат со пониски цени, некогаш во делот на прехрамбените производи, некогаш во делот хигиенските средства, но некои производи се едноставно прескапи за кревкиот животен стандард на граѓаните. Тука пред се спаѓа овошјето и зеленчукот кои се изгор скапи. Пиперки од скоро 300 денари килограм, домати од 150 до 200 денари, банани од 80 до 100 денари килограм, портокали од над 80 денари за килограм, но и останатиот зеленчук и овошје се прескапи за обичниот потрошувач, посебно во овој период на пости. Она што загрижува се најавите дека до средината на април, кога ќе биде Велигден, цените на овие прозводи допрва ќе бидат поскапени.
Дополнително, маркетите имаат обврска јавно да ги објавуваат цените, но засега оваа обврска е на стенд бај.
- Согласно измените на Законот за потрошувачи, трговците ќе имаат задолжителна обврска да ги објавуваат цените на сите производи на своите интернет страници. Во меѓувреме Министерството за економија и труд треба да ги изработи и објави правилнииците на кој начин истите треба да се објавуваат.Измените предвидуваат рок од 45 дена, од денот на влегувањето на сила на истиот, во кој трговците на своите веб страници треба да ги објават цените на производите кои ги продаваат во своите продавници. Целта на донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите е да се заштитат интересите на потрошувачите и да се обезбеди основа за подобра информираност на потрошувачите за цените на производите кои сакаат да ги купат и олеснување на споредливоста на цените. Исто така, се очекува преку зголемувањето на транспарентноста во однос на потрошувачите да се спречи нефер конкуренцијата и злоупотребата на пазарот, како и пониски цени, особено во секторот на прехранбени производи.
Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите пропишува задолжителна обврска на трговците да ги објавуваат на своите веб страници тековната продажна, односно единечната цена на секоја стока што ја нудат за продажба. Оваа обврска се однесува за трговците кои вршат дејност согласно со Националната класификација на дејности – НКД Рев. 2.1 со шифра 47 – Трговија на мало, и тоа за малите, средните и големите трговци.
Микротрговците и трговците-поединци се ослободени од оваа обврска за објавување на цените на стоките – информираат од Министерството за економијa.
Инаку пред воведување на мерката за замрзнување на маржите Пазарниот инспекторат спроведе детална анализа на маркетите и дистрибутерите и резултатот покажал дека:
Маржите на основните прехранбени производи се движеле од 5 до 25%
Маржите кај бебешка храна, хемиски производи и детска прехрана надминувале 30%
Кај некои дистрибутери и увозници биле утврдени маржи над 35%
Ваквите маржи за последица имаа високи цени на производите кои птерставуваа сериозен удар врз џебот на граѓаните. Токму поради постојаниот раст на цените на храната, граѓаните двапати организираа масовен бојкот на маркетите, што резултираше со значително намален промет:
Првиот бојкот намали прометот за речиси 50%
Вториот бојкот доведе до пад од 22%
Овој притисок од јавноста дополнително ја мотивираше Владата да преземе построги мерки за регулирање на цените и заштита на потрошувачите вклучително и замрзнување на маржите.
Останува да видиме како престојниот период ќе се однесуваат цените и дали по завршување на оваа мерка, а тоа е крајот на април, ќе се наметне некоја нова форма за ограничување на цените.