Гласачите утре ќе избираат од 17 листи на кандидати за пратеници и двајца кандидати за претседател на државата. Единаесеттите парламентарни избори во Македонија се спроведуваат истовремено со вториот круг од претседателските избори. На листите има 1.755 кандидати од кои 1002–ца мажи и 753 жени.
Се гласа во шест изборни единици, а дел од коалициите и партиите имаат листи само за одредени изборни единици.
Гласањето и за парламентарните и за вториот круг од претседателските избори започнува вообичаено, во 7 часот и трае до 19 часот. Се гласа на 3.480 избирачки места, а на секое гласачко место ќе има по две кутии – една за претседателските избори и друга за парламентарните. Гласачите сами ќе одлучат – дали ќе стават ливчиња во двете кутии или само во едната.
Идентификацијата на гласачите ќе се врши со отпечаток од прст.
Право на глас за претседателските избори имаат 1.814.317 избирачи, додека на парламентарните избори 1033-ца повеќе. Разликата во гласовите е, генерално, поради граѓани кои стекнуваат полнолетство.
За утрешниот ден се акредитирани вкупно 1.303-ца домашни набљудувачи, 860 меѓународни набљудувачи и 83 странски новинари. Најмногу од странските набљудувачи се од ОБСЕ/ОДИХР. Странските новинари во најголем дел се од балканските и регионални медиуми, но и од Ројтерс, Асошиејтед прес, Франс прес и други.
Далиборка Демјанска Цветановска