[Видео] „Макстрипови“: Започнавме стрип-школа за средношколци за да се впрегне нивната креативност

НВО Инфоцентарот во Младинскиот културен центар секоја недела е збирно место за група креативци – средношколци кои делат пасија кон стрипот. Тие се дел од стрип-школата што ја води Здружението за промовирање на стрип културата „Макстрипови“.

По минатогодишното прво издание на „Стрип-трип“ фестивал, Давор Драмиќанин и Здраво Гиров осетиле дека има потреба да организираат школа преку која ќе се запознаат со млади стрип-автори, а ним ќе им ја пренесат љубовта и знаењето за стрипот. Школата за сега е бесплатна, а како што велат менторите, стрип може да се направи само со молив и хартија. Тие и претходно организирале работилници и школи кои, како што велат им покажуваат колку таленти има и колку малку им треба да бидат мотивирани и насочени за да стигнат до некое свое дело.

„Незгодното е што после 20-та година многу мал дел од нив остануваат да продолжат во стрипот, но годиниве ни покажаа дека иднината е светла и дека излегуваат и нови деца. Така имаме примери од деца од шесто одделение кога сме ги запознале првпат, сега веќе се на факултет па дури и некои од нив дипломската ја спремаат со стрип, така што талентите се тука, секогаш некој треба малку да ги поттикне и да им даде простор да се изразат“, велат од „Макстрипови“.

Според нив, во последниве години, по поголем застој се активирале помладите, но и постарите цртачи на стрипови, а како една од причините можеби е и „Стрип-трип“ – фестивал каков што немаше долго време.

Групата во школата на почеток броела 20-тина деца, а со природна селекција стигнала до 12. Тие сега ги спремаат стриповите што ќе ги изложат на фестивалот. Кога ги посетивме на еден од часовите ни дозволија да ѕирнеме во нивните скици кои може да ги видите во видеото.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Радио МОФ (@radiomof)

Бојан Шашевски и Ангела Бошкоска