Бугарија е крајно навредена од најавеното холандско вето

Соседна Бугарија почуствува што значи ЕУ да ти најави вето. Укажувањето на Холандија дека одлучила да го блокира приемот на Бугарија во Шенген зоната без гранична контрола предизвика остри реакции во Бугарија.

-Наместо европска солидарност, Бугарија добива цинизам!, напиша претседателот Румен Радев на својот Фејсбук профил.

Според Радев, премиерот на Холандија Марк Руте недозволиво укажувал дека границата се поминувала за 50 евра. Потпретседателката Илијана Јотова, исто така, ја критикуваше одлуката на холандската влада да го блокира приемот на Бугарија во Шенген зоната.

Министерот за внатрешни работи, Иван Демерџиев, ова го дефинира како „крајно навредливо“. Тој во својот писмен став наведува дека Бугарија прави исклучителни напори за заштита на границите и посочува на мислењето на Европската комисија според кое Бугарија ги исполнува сите барања од шенгенската легислатива.

Холандија во петокот соопшти дека нејзината одлука да не го поддржи пристапот на Бугарија во Шенген зоната не е политичка, туку заснована на факти и дека може да ја преиспита работата дури кога ќе стане јасно дека во Бугарија функционира владеењето на правото способно за справување со корупција и организираниот криминал.

Во исто време, Хаг ќе даде зелено светло за прием на Романија во зоната без гранична контрола.

Проширувањето на Шенген зоната е вклучено во агендата на претстојниот состанок на министрите за внатрешни работи и правда од Европската унија на 8 декември. Покрај Бугарија и Романија, кандидат е и Хрватска.

Инаку, бугарскиот технички премиер, Гулаб Донев, денеска ќе одржи средба посветена на подготвеноста на Бугарија за приклучување кон Шенген зоната, јави дописникот на МИА од Софија. На средбата, покрај Донев, ќе учествуваат и вицепремиерот и министер за внатрешни работи, министерот за надворешни работи и министерот за правда.

Претходна вестДојави за подметнати бомби стасаа и до пет училишта во Кавадарци
Следна вестПа нели лебот ќе поевтини по 1-ви декември?