Според Дачиќ, „многу интересно“ било што претседателот Стево Пендаровски, не бил информиран дека земјата ја поддржала резолуцијата за Сребреница
„Предизборни изјави“. Вака министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ ги оцени изјавите на неговиот македонски колега Бујар Османи дека Северна Македонија ќе излезе од иницијативата „Отворен Балкан“ и дека е еден од коспонзорите на резолуцијата за геноцид во Сребреница која ќе биде изгласана на 2 мај.
Според Дачиќ, „многу интересно“ било што претседателот Стево Пендаровски, не бил информиран дека земјата ја поддржала резолуцијата за Сребреница, јави дописникот на МИА од Белград.
„Ако македонскиот претседател не знае дека Северна Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата за Сребреница, што можам да ви кажам следно? Само прашувам дали тој (Бујар Османи) зборува во името на цела Северна Македонија, македонскиот или албанскиот народ“,
им одговори Дачиќ на новинарите по средбата со министерот за надворешни работи на Суринам, Алберт Рамдин.
Српскиот шеф на дипломатија оцени дека во Обединетите нации нема консензус за усвојување на резолуцијата за геноцидот во Сребреница.
„Сметаме дека сега не треба да се разговара на оваа тема, не е ни годишнината. Ова е неселективна правда затоа што не можат само хутите и Србите да бидат етикетирани како геноцидни нации. Нема таков геноцид што не го извршиле земјите што ја потпишала оваа резолуција и сега тие ќе ни држат предавања за тоа. Ако силата може се, ние ќе се бориме колку што можеме“,
рече Дачиќ.
Според министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој вчера рече дека е изненаден од реакциите по објавата дека Република Северна Македонија е меѓу 17 држави кои ја коспонзорираа резолуцијата на Обединетите нации за прогласување на 11 јули за меѓународен ден за сеќавање на геноцидот во Сребреница од 1995 година, универзална човекова должност е да се осуди која било форма на геноцид, независно кои се сторителите.
Како што нагласи Османи, одлуката за коспонзорство ја донел сам и тој како министер му дал инструкција на нашиот амбасадор во ОН да биде коспонзор и да ја поддржи резолуцијата.
Според него, не смее да се реагира на оваа тема бидејќи прашањето влегува во делот на негирање на геноцидот што е строго забрането.
Тој посочи дека во министерството имал средба со амбасадорката на Република Србија на која јасно ѝ го потврдил ставот дека коспонзорирањето на резолуцијата не е однос кон Србија и кон српскиот народ, туку е однос кон едно злосторство кое е направено и за кое меѓународните судови веќе имаат констатирано дека е геноцид и дека негирањето и глорифицирањето на сторителите е продолжување на геноцидот во друга форма.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вчера оцени дека на поддршката на осудата на Сребреница не треба да се гледа како на чин против Србија и против српскиот народ. Напротив, ние негуваме блиски односи, блиски релации и со Србија и со српскиот народ, изјави Маричиќ.
Според него, треба да се разграничи осудата на тоа што се случило во Сребреница како геноцид, како и дека тоа нема никаква врска, ниту, како што рече, може да значи дека таа дамка во Сребреница може да се фрли врз целиот српски народ или Србија.