Во пресрет на двојните избори – вториот круг од претседателските и парламентарните избори (8 мај), денеска низ Македонија гласаат болните и изнемоштени лица чии пријави биле прифатени од општинските изборни комисии. Гласаат и затворениците, лицата во притвор и во вонсемејни заедници, како и две раселени лица.

Во Куманово денеска гласаат 420 болни и немоќни лица, соопштија од Општинската изборна комисија (ОИК) Куманово.

Беа поднесени 450 барања, 30 се одбиени, 420 денеска гласаат. Утрово почна и гласањето во казнено-поправната установа затвор Куманово К‘ шање каде гласаат 127 затвореници, изјави претседателката на ОИК, Елизабета Стојковска.

Во Липково, според податоците на претседателката на ОИК, Ајше Демири гласаат 500 болни и немоќни лица.

Во Старо Нагоричане, соопшти претседателот на ОИК, Марјан Даиловски гласаат вкупно 14 болни и немоќни лица.

Претходно имавме осум, беа пријавени седум, едно беше одбиено, изјави Даиловски.

Во Куманово на утрешните избори, според податоците на ОИК право на глас за претседателските избори имаат 93.508, додека за парламентарни 93.635 избирачи кои гласаат на 167 места.

Во Липково, за претседателските избори евидентирани се 26.030 гласачи, за парламентарните 26.024 гласачи кои гласаат на 36 избирачки места соопштија од ОИК Липково.

Во Старо Нагоричане има 3.043 гласачи за претседателски, а за парламентарни 3.046 кои гласаат на 38 избирачки места од кои две се споени, односно ги опслужуваат 36 избирачки одбори.

Во Неготино, пак, вкупно 175 болни и немоќни лица се пријавени за гласање денеска за вториот круг од претседателските изботи и за гласањето на парламентарни избори, како и едно лице од куќен притвор. За ова информираше Елизабета Камчева, претседател на неготинската општинска изборна комисија.

За тоа колку денес ќе изгласаат тоа се уште не знаеме, бидејќи гласањето се уште се одвива. Податоци ќе имаме подоцна, соопшти таа.

Согласно законот, овие лица гласаат денеска, ден пред изборите што ќе се одржат во текот на утрешниот ден.

Во Демир Капија 66 лица се пријавени за гласање во текот на денешниот ден, информираше Благој Јовановски, претседател на ОИК.

Во Кавадарци се пријавени за денешното  гласање 167, а во Росоман 69 немоќни лица, информираа претседателите на општинските изборни комисии, Емилија Петровска и Зоран Костов.

Всушност, согласно на законот, денеска, ден пред претседателските и парламентарните избори, за гласање се пријавени вкупно 155 лица во домашни услови, болни и немоќни, како и дванаесетмина од дом за стари лица, појасни Петровска.

Запишани се вкупно 31.982 избирачи за парламентарните избори, 31.926 за претседателските, со право на глас во Кавадарци.

Во Росоман, како што соопшти Костов, 3.300 избирачи се евидентирани во списокот за гласање на утрешните избори.

Без проблеми се одвива гласањето на болните и немоќни лица во Општина Штип, информира денеска за МИА претседателот на Општинската изборна комисија (ОИК)-Штип, Виктор Вацев. Вкупно 208 болни и немоќни лица ќе го остварат своето право на глас на двојните избори, односно гласаат за вториот круг на претседателските избори и за парламентарните избори.

МИА беше на терен со членовите на Избирачкиот одбор 2282 во штипската населба Железничка. Претседателот на ИО 22 82, Марјан Арсов информира дека денеска своето право на глас го остварија три болни и немоќни лица. За утре им е подготвено избирачко место, кое ќе го отворат во 7 часот, а ќе го затворат во 19 часот.

Согласно правилата од ДИК, имат право еднаш да пристапат и треба да се изјаснат дали ќе гласаат за двата вида на избори или само за едниот. Во зависност од нивната одлука така ќе се спроведе гласањето, односно ќе добијат едно или две гласачи ливчиња, изјави Марјан Арсов, претседател на ИМ 2282-Штип.

Во штипската приградска населба „Железника“ гласаа 76 годишната Слободанка Гошова и 81 годишната Митра Арсова. Велат дека секој треба да го искористи своето демократско право.

Треба да се излезе на гласање, се знае гласање што е, треба да се излезе, изјави Митра Арсова.

Слободанка Гошева пак вели дека неколку години гласа во домашни услови и добро е што се овозможува на болните и немоќни лица да гласаат.

Обавезно, обавезно треба да се гласа, посебно младите. Ние кога можевме дотерани одевме на гласање, бидејќи тоа е свечен чин,  изјави Гошова.

Во 7 часот наутро беше отворено и избирачкото место во Казнено поправната установа – Затвор – Штип. Андријана Хаџи Николова, заменик претседател на Избирачки одбор вели дека гласањето се одвива без проблеми.

Имаме 206 избирачи и во двата избирачки списоци, за претседателсио и за парламентарни избори и досега има излезено 71 гласач, вели Хаџи- Николова.

Излезност во Затвор Штип до 11 часот е скоро идентичен со првиот круг претседателски избори, односно, своето право на глас го искористиле 35 проценти од избирачите.

За вториот круг на претседателските и за парламентарните избори зголемен е бројот на пријавени болни и немоќни лица, кои денеска ќе бидат посетени од членовите на избирачките одбори за да гласаат во домашни услови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.