29 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Intel“ ги одложи плановите за инвестирање во Италија

„Intel“ ги одложи плановите за инвестирање во Италија

Американскиот технолошки гигант „Intel“ ги одложи плановите за инвестирање во Италија, објави министерот за индустрија на земјата, по проектот за изградба на најсовремена постројка за пакување чипови, кој првпат беше претставен во март 2022-ра година, но никогаш не беше финализиран.

Американската технолошка компанија „се откажа или ги одложи своите инвестиции во Франција и Италија во споредба со другите што ги планира во Германија“, изјави министерот Адолфо Урсо за новинарите во северниот италијански град Верона.

Според него, Италија продолжува да го пречекува „Intel“ доколку се предомисли и ги исполни претходните планови за европски инвестиции.

„Ако компанијата одлучи да ги заврши овие проекти, ние сè уште сме на линија“, истакна Урсо.

Портпаролот на „Intel“ одби да коментира за ова прашање.

Министерот додаде дека Италија наскоро ќе добие повеќе странски инвестиции во својот сектор за чипови по договорот од 3,5 милијарди долари објавен оваа недела, кој вклучува „Silicon Box“ со седиште во Сингапур.

Урсо коментира дека овој договор е првата голема странска инвестиција во секторот и „ќе има и други во наредните недели“.

Во последниве месеци, работната група на министерството одржа разговори со тајвански групи, додаде тој.

Во меѓувреме, американскиот претседател Џо Бајден и министерката за трговија Џина Раимондо планираат следната недела да ги објават средствата за „Intel“ за проширување на производството на чипови во Соединетите држави, изјавија два извори за „Reuters“.

„Intel“, кој според еден од изворите ги поканил клиентите и добавувачите на настанот, не сакал да коментира ниту на оваа тема.

Компанијата побара финансирање за своите планови за проширување и во Охајо и во Аризона, клучна изборна држава во која Бајден се надева дека ќе победи во ноември.

Износот за „Intel“ вклучува комбинација од грант и заеми и ќе биде најзначајната досега понудена според Законот за чипови и наука од 2022-ра година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП