Во „Ист гејт“ молот, вчеравечер беше отворена изложбата наречена „Лебдење” (Floating), со автори, членови на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, кои работат на текстил во ликовен контекст. Во рамките на изложбата (28-30 март), со свои дела учествуваат Јана Манева-Чупоска, Ана Ивановска, Јана Јакимовска, Страхил Петровски, Гордана Вренцоска, Марјана Којсточиновска-Узунчева и Маја Кировска

Кога од текстилот се создава уметност, резултатот е импресивна изложба. Токму во рамките на Скопскиот моден викенд (28 – 30 март), во деловниот простор на молот „Ист гејт“, вчеравечер беше отворена изложбата наречена „Лебдење” (Floating), со автори, членови на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, кои работат на текстил во ликовен контекст. Како што велат од ДЛУМ, ова е нивната прва соработка, реализирана на покана на организаторите на модниот викенд. Во рамките на изложбата, со свои дела учествуваат Јана Манева-Чупоска, Ана Ивановска, Јана Јакимовска, Страхил Петровски, Гордана Вренцоска, Марјана Којсточиновска Узунчева и Маја Кировска.

„Добивме покана да се претставиме со изложба која на еден индиректен начин би била врзана со тоа што значи текстил, облеката како форма и текстил како провокација за ликовниот уметник. Оттука ја понудив оваа изложбата како мој кураторски проект со дела на членови на ДЛУМ, кои реално работат во текстилот.  Всушност, тој е додатен медиум на изразување којшто ние уметници го практикуваме. За таа цел селектирани се седум уметници со дела во кои постои таа поврзаност. Се работи за колаж на претходно изработени и веќе презентирани дела од страна на авторите. Сепак, мојата визија сега беше да направиме еден спој, кохезија каде што се гледа една допирна точка во обликување на текстилната форма која успешно е претставена во ликовен формат“, истакнува Јана Манева-Чупоска, претседател на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Таа ги претстави и делата на учесниците на изложбата, па како што додава Манева-Чупоска, Марјана Којсточиновска-Узунчева е поканета со оглед дека во своето творештво редовно го користи текстилот како изразно средство. „Специфична е по сите тие ткаеници коишто таа ги лепи во еден убав колаж и текстилните траки со кои прави една убава композиција. Таа се претстави со текстилна инсталација ‘Без наслов’. Ана Ивановска ги користи патентите како еден убав ликовен израз, црвениот текстил во една прекрасна композиција која таа како објект го презентираше во нејзиното дело наречено ‘Повторливо сеќавање’. Јана Јакимовска имаше одлична инсталација каде преку алиштата говори за нејзиниот период кога станала мајка и ја зголемила телесната тежина, како и за онаа желба на секоја жена да стане витка и да има идеална тежина и форма. Таа направи пародија, игра со закачени алишта со слоганот ‘FAT’.

Гордана Вренцоска изложи постаро дело ‘Да се биде… Разум, Волја, Љубов, Храброст, Дух’ од 1999 година, поточно фотографии каде со една игра на коцка изработена од текстил прави убава приказна. Страхил Петровски се претстави со сликање на големо памучно платно каде тој во негов стил експресионистички, користи силни и контрастни бои. Делото на авторкaта Маја Кировска, насловено ‘Кожа‘, се состои од три објекти во комбинирана техника (природни лисја, боја, лепило, закачалки)“, објаснува Јана Манева-Чупоска. Таа пак, ги изложи објектите кои ги работела во 2015, 2016 и кои биле презентирани на нејзината изложба ‘МК традиција – New concept’.

„Се работи за парчиња на облеки со принт од македонското традиционално семејство, облечени во традиционални носии. Сите основни кројки кои се направени од хартија, пак, се во сосема современ концепт и го прават тој спој на минатото и сегашноста“, додава Манева-Чупоска.

Таа, исто така, истакна дека ДЛУМ за првпат изложува во просторот на молот „Ист гејт“, кој додава е одличен избор за организаторите на ликовни настани.

Оваа изложба предизвика особен интерес кај публиката која деновиве го следеше Скопскиот моден викенд. (Д.Т.)