Свет
Невреме и обилни дождови во Пакистан, загинаа 50 лица
Пакистанските власти ги ставија во состојба на готовност спасувачките служби кога обилните дождови, грмотевици и удари на гром направија хаос во целата земја.
Националната управа за управување со катастрофите (NDMA) побара од службите за итни случаи да бидат внимателни за посериозни временски услови. Бројот на загинати од обилните дождови во последните четири дена се искачи на 50, соопштија претставници на провинциската влада.
Најмалку 21 лице, меѓу кои седум деца, загинаа во удар на гром во централната провинција Пенџаб.
Уште 21 лице загинаа во северозападната провинција Хајбер Пахтунхва. Најмалку осум загинаа во јужната провинција Балучистан.
Времето ја запре жетвата на пченицата во Пенџаб. Се стравува дека претстојните дождови, кои почнуваат в четврток, не само што дополнително ќе ја одложат жетвата туку ќе го оштетат и родот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пронајден човек кој пред 26 години бил киднапиран: го чувале во штала на 200 метри од неговата куќа во Алжир
Во Алжир човек кој беше киднапиран пред 26 години е пронајден жив и здрав. Омар Бин Омран е пронајден на место кое е оддалечено само неколку стотини метри од неговото семејство, а никогаш не повикал помош бидејќи бил убеден дека врз него биле фрлени магии.
Омран исчезна за време на децениската граѓанска војна во Алжир во 1998 година, што доведе неговото семејство да претпостави дека тој загинал во конфликтот меѓу владата на северноафриканската нација и разни исламистички бунтовнички групи.
Сега 45-годишниот, беше пронајден меѓу стогови сено во штала на 12 мај – на само 200 метри од домот на неговото семејство во градот Гилфа. Откритието дојде откако братот на киднаперот објави поплаки на социјалните мрежи, наводно поради спор за наследување.
Извештаите велат дека објавата го поттикнало семејството на Омран да изврши рација во куќата на киднаперот. Наводниот виновник, 61-годишен вратар кој работи во блискиот град Ел Гуедид, бил приведен откако се обидел да избега, соопшти алжирското Министерство за правда.
Министерството соопшти дека истрагата се уште е во тек, додавајќи дека жртвата добивала медицинска и психолошка помош по злосторството, кое го опиша како „гнасно“.
Алжирските медиуми објавија дека жртвата изјавила дека не можел да повика помош „поради магијата што му ја направил киднаперот“.
Снимките беа споделени на социјалните мрежи и емитувани на алжирските телевизиски мрежи од моментот кога тој беше пронајден во дупка во земјата, опишана од властите како штала, во домот на неговиот наводен киднапер.
Заматеното видео ја покажува светлината на батериските ламби што осветлуваат јама опкружена со сено додека Омар срамежливо гледа нагоре, шокиран со парчиња слама во неговата коса.
Потрагата по Омар беше започната во 1998 година, откако тој исчезна на пат кон средното стручно училиште. Мајката на Омар почина во 2013 година без да ја знае вистината за тоа што се случило со нејзиниот син. Таа упати молби на телевизија за информации за неговото исчезнување, според алжирскиот весник L’Expression.
Регион
САД: Реториката на Додик е страшна
Соединетите Американски Држави го сметаат лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, за закана за стабилноста и се подготвени да реагираат на секоја закана за опстанокот на Босна и Херцеговина како држава, изјави американскиот амбасадор во Сараево, Мајкл Марфи.
Во интервју за телевизијата N1, чии делови беа објавени на веб-страницата во текот на денот, Марфи ја оцени како целосно неприфатлива „страшната реторика“ што Додик ја употребува во своите изјави, особено неговите закани за отцепување на Република Српска од државата Босна и Херцеговина.
Тој потсети на изјавите на Додик, како онаа дека „не сака да го дише истиот воздух како и Бошњаците“ нагласувајќи дека тоа мора да ги загрижи сите, вклучително и меѓународната заедница.
Разузнавачките процени на американската влада, рече Марфи, укажуваат колку Додик претставува закана за Босна и Херцеговина и за нејзината иднина поради што од 2017 година е цел на санкции, кои му забранија да патува во САД и ги замрзна неговите средства.
„Ние ќе продолжиме да го правиме тоа. Користевме санкции за да ги повикаме поединците одговорни за ова однесување и ќе продолжиме да го правиме тоа. Бевме јасни и останува нашата политика дека нема да се воздржуваме кога станува збор за Додик и кој било политичар, кој ја турка земјата кон конфликт, тоа не е во интерес на САД и нема да дозволиме тоа да се случи“, рече американскиот амбасадор.
Тој објасни дека тоа значи оти САД нема мирно да ја набљудуваат можноста за избувнување нов конфликт на почвата на Босна и Херцеговина и затоа силно го поддржуваат продолжувањето на воената мисија на Европската Унија (ЕУФОР), но и решеноста на НАТО да не дозволи секаков безбедносен вакуум во таа земја.
„Нашата политика е цврста и јасна и тоа е случај во последните 30 години. Ние ги поддржуваме територијалниот интегритет, суверенитет и мултиетничкиот карактер на БиХ, тоа е наш интерес и нашата намера е да го браниме“, рече амбасадорот Марфи.
Свет
Кадиров: Насочете ги сите сили и ресурси на државата кон безбедноста на Русија и нејзиното население
Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров за време на специјалната операција изјави дека сите сили и ресурси на државата треба да бидат насочени кон безбедноста на Русија и нејзиното население.
„За време на воените операции, мора да се користат сите сили и средства. Сите државни средства мора да бидат насочени кон безбедноста на нашата земја и населението. Поради оваа причина, младите, државните службеници и бизнис-елитата – сите во нашата република се вклучени со цел да се обезбедат момците што се борат на територијата на специјалната воена операција“, рече Кадиров, пренесува „Спутник“.
Кадиров додаде дека чеченскиот министер за млади, Ахмат Кадиров, предал 10 автомобили и 10 квадрокоптери, кои ќе бидат испратени во зоната за специјални операции.