Search

Пресвртница за светот:  Создаден револуционерен материјал – „голден“

Следејќи ги конвенциите на науката за материјалите, научниците го сковале името „голден“ за оваа иновација, која покажува уникатни својства што не се присутни кај нејзиниот тридимензионален двојник.

„Ако го направите материјалот исклучително тенок, се случува нешто извонредно – исто како и со графенот“, истакнува Шун Кашијава, научник за материјали од Универзитетот Линкопинг во Шведска. Тој објаснува дека златото може да стане полупроводник кога ќе се сведе на дебелина на слој од само еден атом.

И покрај природната тенденција на собирање на златото, претходните напори да се создаде дводимензионална конфигурација не успеале, давајќи повеќеатомски листови или монослоеви неодвоиви од другите материјали. Напредокот, сепак, дошол неочекувано за Кашијава и неговиот тим кога експериментирале со друг материјал, електрично спроводлива керамика, титаниум силициум карбид.

„Почнавме со електрично спроводлива керамика наречена титаниум силициум карбид, каде што силициумот е во тенки слоеви. Тогаш идејата беше да се обложи материјалот со злато за да се воспостави контакт. Но кога ја изложивме компонентата на висока температура, слојот силициум беше заменет со злато во основниот материјал“, објаснува физичарот за материјали Ларс Хултман од Универзитетот Линкопинг.

Нивниот предизвик лежел во извлекувањето супертенки слоеви злато помеѓу слоевите на титаниум и јаглерод што го опкружуваат. За да се надмине оваа пречка, била потребна техника што го вклучува Муракамиевиот реагенс, раствор за обработка на метал што го нагризува јаглеродот и го бои челикот. Со експериментирање со различни концентрации и временски рамки, тие успешно ги отстраниле околните материјали, оставајќи го златниот слој недопрен.

Меѓутоа, процесот бил деликатен, била потребна темнина за да се спречи ослободувањето цијанид од нуспроизводот на споменатиот раствор. Освен тоа, бил воведен сурфактант (површински активна супстанција што го намалува површинскиот напон на течноста) за да се спречи виткање и насобирање на златниот слој.

Добиениот стабилен голден покажува својства на полупроводник, нудејќи нови можности во областите како што се прочистување на водата и хемиско производство. Студија поврзана со ова откритие беше објавена во списанието Нејчр синтезис.

Извор: Нејчр синтезис

Најново

Последни колумни