Намалената геополитичка „температура“ ја спушти цената на нафтата под 90 долари

Цените на нафтата паднаа под 90 долари на меѓународните пазари во понеделникот, бидејќи инвеститорите беа смирени од пораките по одговорот на Иран на израелскиот напад врз неговиот конзулат во Сирија, намалувајќи ги стравувањата од ескалација на конфликтот и заканата за испораките.

На лондонскиот пазар попладнето цената на барелот за испорака во јуни беше за 81 цент пониска во однос на затворањето на тргувањето на крајот на минатата седмица и изнесуваше 89,64 долари. На американскиот пазар со барелот за испорака во мај се тргува по пониска цена од 69 центи, по 84,97 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) денеска објави дека цената на барелoт од референтната нафтена кошничка на нејзините членки во петокот е речиси непроменета и изнесува 90,77 долари.

Од минатата седмица трговците го очекуваа најавениот одговор од Техеран на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Сирија на почетокот на месецот.

Иран одговори во ноќта од саботата кон неделата со напад со беспилотни летала и проектили упатени главно кон нененаселените области на Израел кои беа пресретнати од израелскиот противракетен систем, со непозната штета во погодената база од каде е изведен нападот во Дамаск. Техеран објави дека одговорот е завршен но предупреди дека на секоја нова израелска акција одмаздата ќе биде навистина жестока, а американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД нема да учествуваат во евентуалниот израелски одговор.

Пораките ги намалија стравувањата од регионален конфликт што ќе влијае на испораките на нафта од Блискиот исток, велат аналитичарите.

Изјавата на Иран дека смета дека одговорот е целосен ја намали геополитичката температура, вели аналитичарот на „Kplera“ Виктор Катона, а Џон Еванс од PVM нагласува дека Техеран „телеграфски“ го објавил нападот, што е речиси без преседан во историјата.

„Нападот веќе беше оценет во голема мера во деновите пред него. Ограничената штета и фактот дека никој не беше повреден значи дека одговорот на Израел веројатно ќе биде поодмерен“, вели Ворен Патерсон од ING.

Иран произведува повеќе од три милиона барели нафта дневно и е меѓу водечките производители во Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC).

„Ако кризата не ескалира до точка на прекин на снабдувањето, со текот на времето ќе претежне ризикот од пад на цената на нафтата, но само кога ќе се покаже дека Израел избрал поумерен одговор“, вели Амрита Сен од „Energy Aspects“.