На сцената на Националната опера и балет на 27 септември 2023 со почеток во 20.00 часот ќе се одржи ексклузивен настан, „Фолклорно-класична симбиоза”, музичко-сценски спектакл на НУ Национална опера и балет и НУ Танец.
За прв пат во македонската понова историја, Танец и Националната опера и балет ќе прозвучат заедно, со повеќе од 130 учесници на сцена, во заедничка изведба на симфонизираните антологиски кореографии „Осоговка”, „Малешевка”, „Жетварка”, „Пиринско пролетно цвеќе”, „Водарки”, како и многу други македонски орски и вокални мелодии од богатиот репертоар на Танец. Концертот ќе се одвива под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска. Настапува оркестарот, хорот и играорниот кор на НУ Танец, како и оркестарот и хорот на НУ Национална опера и балет.
Фолклорно-класична симбиоза е проект замислен како музичка фузија на две различни традиции – класиката и фолклорот, вешто преточена во новите аранжмански партитури на Дарко Илиевски (истакнат инструменталист, автор и раководител на оркестарот на Танец). Македонската јавност и македонската музичка култура во целост, ќе добијат уште едно комплексно дело со врвен уметнички израз, кое на достоинствен начин го чува и унапредува македонското музичко творештво.
Билетите за настанот се пуштени во продажба на билетарницата на Националната опера и балет, како и на онлајн сервисот karti.com.mk.
Нема коментари