Почна судењето за „Панамските документи“: група од 27 лица обвинети за перење пари

by Fokus

Судењето на група од дваесет и седум лица под обвинение за перење пари поврзани со скандалот со даночно затајување „Панамски документи“, кој откри колку од светските богаташи го криеле својот имот во офшор компании, започна во понеделникот.

Во 2016 година, скандалот ги потресе владите, разоткри високи личности, доведе до серија истраги ширум светот и ја наруши репутацијата на Панама како офшор финансиски центар, пренесува Хина.

Меѓу обвинетите на кои ќе им се суди во кривичниот суд во Панама се Јирген Мосак и Рамон Фонсека Мора, основачите на сега веќе непостоечката панамска адвокатска фирма во центарот на скандалот.

Повеќе од 11 милиони датотеки од нивната компанија Mossack Fonseca инкриминираа влијателни личности, вклучувајќи милијардери, политичари и спортски ѕвезди.

Исландскиот премиер Зигмундур Дејвид Гунлаугсон беше принуден да поднесе оставка откако беше откриено дека неговото семејство има офшор банкарски сметки.

Тогашниот пакистански премиер Наваз Шариф доби доживотна забрана за вршење јавна функција, откако документите го инкриминираа.

Некои од другите споменати луѓе се поранешниот британски премиер Дејвид Камерон, фудбалската ѕвезда Лионел Меси, тогашниот аргентински претседател Маурицио Макри и шпанскиот филмски режисер Педро Алмодовар.

Документите биле испратени до германскиот весник „Sueddeutsche Zeitung“, кој потоа ги споделил со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ).

Многумина инволвирани во аферата ги објавија своите причини за тоа и рекоа дека не постапиле незаконски.

Кривичното дело затајување пораз во Панама се казнува дури од 2019 година и тоа за суми поголеми од 300.000 американски долари годишно.

Најновото судење се очекува да трае до 26 април, велат од судството.

Поврзани новости