„Соколаната“ во Пајко Маало спортско собиралиште и место каде што се одржувале прочуените игранки

Според монографијата на Ѓорѓи Кузмановски „Над 100 години спорт во Скопје“, иницијатор за изградба на салата за гимнастика „Соколана“ бил пасионираниот гимнастичар, полковник Тошо Живковиќ. Инаку, домот започнал да се гради во 1924 година

445

И Скопје некогаш имал свој храм на спортот. Првото спортско собиралиште во Скопје, во годините на минатиот век, дефинитивно била „Соколаната“.

Генерациите пред 1963 година со носталгија се сеќаваат на скопската „Соколана“, која била лоцирана во Пајко Маало, од амбулантата на Првомајска кон Вардар.

Тоа било место каде што освен што се спортувало, се одржувале и прочуените игранки – матинеа во Скопје.

Според монографијата на Ѓорѓи Кузмановски „Над 100 години спорт во Скопје“, иницијатор за изградба на салата за гимнастика ,„Соколана“, бил пасионираниот гимнастичар, полковник Тошо Живковиќ.

Инаку, домот започнал да се гради во 1924 година. По три години негово градење, вселен е од соколите на „Матица“ на 12 февруари 1927 година. Сепак „Соколаната“ била готова во 1928 година. Со изградбата на „Соколаната“ храмот на гимнастиката и на многу други спортови кои таму ги започнувале првите активности се создале услови за побрз развој на спортот.

Воедно, во „Соколаната“ се играло ракомет, фудбал, одбојка, кошарка… Старите скопјани се сеќаваат дека и ракометарите на РК „Работнички“ во Градски парк, тренирале и играле на црвеница.

-Соколана беше собиралиште на млади кои израснаа во квалитетни спортисти во гимнастика, одбојка, ракомет и други спортови. Вежбавме на кожни душеци, а мислам имаше и карики. Јас имав пет години ама уште го памтам мирисот на кожните душеци ! Од 1981 до 1983 година, професорката што нè тренираше во уметничко пливање, во базенот во Карпош, беше Паула, живееше некаде во Тафталиџе, мислам. Десетина години пред тоа беше една од организаторите на републичкиот натпревар по гимнастика токму во „Соколана“ – се сеќава со посебна носталгија еден стар скопјанец.

(А.П.)