Младите и политиката – колку партиските подмладоци имаат влијание во креирањето стратегии?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Иако во политичките кампањи кандидатите се повеќе се обидуваат да се доближат до народот и да ја добијат довербата на претстојните избори, сепак се појасно е дека од година во година, од избори во избори, нивниот интерес за излегување да гласаат е се помал. За ова се дебатираше во Дејли Клик на Тв 21 во кој гости беа претседателите на младинските организации на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Што тие како млади сили сметаат дека е причина за тоа?

„Ние не можеме да заборавиме дека пред 7 години младите луѓе брутално се манипулираа, се играше со нивните чувства и им се ветуваа нереални работи за да се изигра нивната волја да бидат изманипулирани и гласот да го дадат за одредена политичка партија. Од тоа бидејќи не видовме ништо следствено на тоа кај младите луѓе завладеа одредена апатија.“, рече Сергеј Попов од УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ќе се согласам со изјавата на Сергеј која што ја даде на почетокот дека до пред 7 години младите се манипулираа, се влечеа и се тепаа по улици, не им беше дозволено да гласаат на студентски избори да бидат фер и легитимни, во автобуси имаше наместени тепачки за да се подигне национална тензија и се согласувам дека денес тоа не е случај.“, изјави Марко Михајловски од СДММ.

Но колку младите во политичките партии имаат влијание во креирањето политики но и нивна застапеност на изборните листи? И Попов и Михајловски кои и двајцата се кандидати за пратеници на претстојните парламентарни избори, велат дека нивните партии посветуваат големо внимание на младите.

„На листите од секогаш сме имале и во иднина ќе имаме младите луѓе. Во ВМРО-ДПМНЕ никогаш не сме имале проблем на таа тема со застапеност и давање шанса на младите луѓе да бидат на одговорни позиции, како во советите на општините, како градоначалничките позиции, пратеничките места и така и понатаму оние раководни позиции кои што доаѓаат по преземањето на власта.“, вели Попов.

„Социјалдемократскиот сојуз е единствената партија која што во Статутот ги има вметнато младите со учество од една третина и истото е пресликано и на изборните листи за парламентарните избори каде што има преку 30-ина кандидати односно до 30 проценти млади под 30 години на изборните листи, го имаме најмладиот коносител на изборната единица од која што и јас доаѓам изборната единица 6, тоа е другарот Агрон Демири“, изјави Михајловски.

И Попов и Михајловски како главен проблем во државата со кои што се соочуваат младите ја сметаат корупцијата, која како што беше истакнато, е навлезена во сите сфери на општеството, а воедно беше речено дека проблемите може да се решат само кога европските вредности ќе бидат дел од нашето општество.