Во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија се одржа промоцијата на романот „Адамовото ребро“ од Оливера Николова. Книгата, која излезе од печат на бугарски јазик оваа година, како издание на издавачката куќа „Изида“, беше претставена од уредничката Елеонора Тодорова и од преведувачот Маријан Петров.
Вечерта започна со видеообраќање на 88-годишната авторка кон присутните, во галеријата на македонскиот културен центар во Софија.
– Дури кога ја напишав книгата „Адамовото ребро“ сфатив дека всушност е моето длабоко барање на себеси. Барањето на себеси никогаш на минува без учество на другите, затоа сум им длабоко благодарна на сите познати и непознати, современици и несовременици, сонародници и несонародници – рече Оливера Николова кон бугарското издание на нејзината книга.
Романот „Адамовото ребро“ се издвојува во македонската книжевност по својствата на протагонистката, која не се плаши од своите избори во животот, неконвенционални за времето во кое живее.

– Се издвојува и по интересната техника на самопреиспитување преку тоа што ги соочува сличните ликови во сосема различни временско-просторни околности. Се издвојува и по специфичното метакнижевно истражување: овде, не само што реалноста на нараторката влијае во создавањето на нејзините ликови и нејзиниот роман туку и постапките на нејзините ликови повратно дејствуваат таа да размисли за своите животни избори, понекогаш да ги промени и да им даде смисла – напиша Калина Малеска за книгата.