Шредер нуди посредување во преговорите со Русија, Кремљ ја поздрави понудата

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер во четвртокот повторно се понуди да посредува во преговорите меѓу Русија и Украина, а официјална Москва веднаш ги поздрави изјавите на поранешeниот политичар близок на рускиот претседател Владимир Путин кој поради притисокот по почетокот на руската инвазија мораше да се откаже од челниците позиции во руските енергетски гиганти.

„Добрите лични односи како оние меѓу Путин и Шредер можат да помогнат во решавањето на проблемите“, оговори портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на редовниот брифинг со новинарите.

Посочи дека рускиот претседател Владимир Путин и германскиот канцелар Герхард Шредер, во периодот кога ја извршуваше таа должност, постојано покажувале дека добрите приватни односи можат да бидат од полза.

„Тоа помогна да се решат најтешките прашања и постепено да се подобрат билатералните односи“, рече Песков.

Поранешниот канцелар повторно во интервју за службената германската новинска агенција DPA во четвртокот го понуди своето посредување во можните разговори меѓу Москва и Киев.

„Ние со години соработувавме разумно. Можеби тоа уште може да помогне во изнаоѓање решение за преговори“, рече Шредер.

Иако Шредер го опиша рускиот напад врз Украина како „фатална грешка“, тој сепак одбива да го критикува Путин, со кого има долгогодишно пријателство.

Поради неговото инсистирање на пријателство со Путин, водството на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD), чиј член е Шредер, жестоко го критикуваше и му се закани дека ќе го исклучи од партијата. Меѓутоа, процесот за исклучување на Шредер, кој беше канцелар од 1998 до 2005 година, не успеа.

Долго време по нападот на Путин врз Украина, Шредер ги задржа водечките профитабилни позиции во руските енергетски компании, вклучително и во конзорциумот на Балтичкиот гасовод.

Во меѓувреме, на поранешниот прв човек на SPD му беше одземено правото на канцеларија и персонал, на коишто има право како поранешен канцелар. Поради Шредер, сегашната партија предводена од социјалдемократот Олаф Шолц иницираше промена во законот со која ќе се намали правото на поранешните претседатели на државата и канцеларите на бенефиции по напуштањето на функцијата.

Шредер рече и дека верува оти „Франција и Германија треба да преземат иницијатива“. „Очигледно е дека војната не може да заврши со целосен пораз на едната или другата страна“, смета тој.

Шпекулациите дека Путин би можел да започне нуклеарна војна или да нападне некоја од земјите на НАТО на неговото источно крило, поранешниот германски канцелар ги опиша како „глупости“. Но, за да се запре, во прв ред ескалацијата кон вакви сценарија и да се спречи поголема загриженост на населението, покрај поддршката за Украина, мора сериозно да се размислува и за решение на конфликтот, нагласи тој.