Будимпешта веќе има значително влијание врз јавниот дискурс во Македонија преку стратешки аквизиции на клучни телевизии и интернет портали. Со поддршка на нелибералниот модел на владеење и финансирање на националистички медиуми, Виктор Орбан ја консолидира својата долгорочна позиција во регионот.
Во последниве години, експанзијата на унгарски медиумски интереси во Македонија, предводена од бизнисмени блиски до унгарскиот премиер, станува сè поочигледна, за Еуроњуз пишува Димитар Керанов, експерт од Германскиот Маршалов фонд, евроатлантски тинк-тенк.
Будимпешта го прошири своето влијание преку купување на влијателни медиуми. Според анализите, Пeтер Шац и Агнес Адамик стојат зад преземањето на медиуми како Алфа ТВ, Република, Куриp, Лидер, Денешен, Економски, Вистина и NetPress. Заедничко за овие медиуми е нивната блискост со владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер, премиерот Христијан Мицкоски.
Истражувањата покажуваат дека медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ добиваат индиректна финансиска поддршка преку реклами од унгарски компании. Ова овозможи одржливост на медиумската мрежа што остана лојална на поранешниот премиер Никола Груевски, кој во 2018 година избега во Будимпешта за да избегне затворска казна за корупција и оттогаш е под заштита на Виктор Орбан.
Дополнително, растечката посветеност на Унгарија кон Македонија се гледа и во финансиската поддршка. Лани, унгарската влада му додели на Скопје 500 милиони долари заем, префрлени од 1 милијарда евра заем што Будимпешта го доби од Кина. Ова е најголемата финансиска помош што Унгарија ѝ ја дала на некоја држава од падот на комунизмот.
Со оваа политика, Македонија под актуелната влада се оддалечува од евроинтеграциите и сè повеќе се позиционира во блок кој вклучува Кина, Унгарија, Русија и Србија. Орбан го зајакнува своето влијание во регионот преку поддршка на нелибералните влади, финансирање националистички медиуми и заштита на сојузници како Груевски и Мицкоски.
Значајно е и неодамнешното откритие на истражувачкиот портал VSquare, според кое во март унгарскиот специјален антитерористички одред (TEK) тајно го извел претседателот на Република Српска од Босна и Херцеговина преку Хрватска. Како одговор, Сараево одби да дозволи слетување на авион на унгарски државен секретар.
Орбан е долгогодишен сојузник на босанско-српскиот сепаратистички лидер Милорад Додик, што дополнително ја засилува неговата стратегија за влијание во регионот.