Од гостиварски „Комуналец“ велат дека додека граѓаните не добијат ново известување, не треба да ја пијат водата од чешми на јавниот водовод

Водата од гостиварскиот водовод не е безбедна за пиење, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК) пренесувајќи ја информацијата од Јавното претпријатие „Комуналец“ од Гостивар.
„Поради контаминација предизвикана од обилните врнежи од дожд, најновите физичко-хемиски и микробиолошки анализи потврдуваат дека водата од јавната водоводна мрежа во моментов не е безбедна за пиење“,
се вели во информацијата од гостиварски „Комуналец“.
Оттаму додаваат дека додека граѓаните не добијат ново известување, не треба да ја пијат водата од чешми од јавниот водовод.
Од ЦУК информираат и оти од Јавното комунално претпријатие „Шар“ од Тетово известиле дека поради загаденоста на водата во изворите на Лешница, системот на филтер-станицата на Лешница засега е целосно затворен, а градот Тетово се снабдува со намалено количество вода.
„Ограничување на водата во градскиот водовод ќе има од 13 до 15 часот и во период од 1 до 4 часот. Екипите на ЈКП ‘Шар’ се на теренот за брзо решавање на проблемот“,
информираат од комуналното претпријатие од Тетово.