Фото: Маја Јаневска-Илиева

Универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова ќе биде шестиот претседател на Македонија и прва жена што е избрана на оваа позиција. ВМРО-ДПМНЕ освои 58 мандати во новиот собраниски состав, според последните објавени резултати на Државната изборна комисија (ДИК), по преброени 99,6 отсто од гласовите во избирачките места. Зад неа е коалицијата на ДУИ, со освоени 19 пратенички мандати. СДСМ на овие избори освои 18 мандати. Коалицијата Вреди има 13 мандати во Собранието, а по шест мандати имаат Левица и партијата ЗНАМ. Имаше измени од ДИК, по првичната објава, односно коалицијата Твоја Македонија на ВМРО-ДПМНЕ изгуби еден мандат, а ЗНАМ доби еден мандат повеќе

Претседателски и парламентарни избори 2024

Во вториот круг од седмите претседателски избори во Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова освои 308.632 гласа повеќе од противкандидатот Стево Пендаровски, според последните податоци од Државната изборна комисија (ДИК). Од обработени 99,09 отсто од избирачките места и 99,82 отсто обработени избирачи, за Силјановска-Давкова гласале 560.173 граѓани, а Стево Пендаровски доби 251.541 глас.
Статистичките податоци покажуваат дека со поголема разлика во гласовите за претседател беше избран само Киро Глигоров во 1994 година. Глигоров имаше 517.978 гласа повеќе од противкандидатот Љубиша Георгиевски. Беше избран во првиот круг со освоени 715.087 гласа, а Георгиевски освои 197.109 гласа. На претседателските избори во 2019 година, кога Пендаровски и Силјановска-Давкова првпат се соочија и влегоа во вториот круг, Пендаровски победи со историски најмала разлика во гласовите од сите досегашни претседателски избори. Доби 58.210 гласа повеќе од Силјановска-Давкова, односно тој во вториот круг освои 435.656 гласа, а Силјановска-Давкова имаше 377.446 гласа.
Податоците од Државната изборна комисија (ДИК) велат дека во 2014 година Ѓорге Иванов вториот мандат во вториот круг го доби со разлика од 136.834 гласа. Тој освои 534.910 гласа, а Пендаровски, кој тогаш првпат се кандидира за претседател, доби 398.076 гласа. Со разлика од 188.788 гласа, Ѓорге Иванов го доби првиот претседателски мандат во 2009 година. Тој освои 453.616 гласа, а Љубомир Фрчковски 264.828 гласа. Впрочем, 221.138 гласа беше разликата со која Бранко Црвенковски го победи Сашко Кедев на изборите во 2004 година. Тој освои 550.317, а Кедев 329.179 гласа. Борис Трајковски во 1999 година го победи Тито Петковски со 69.194 гласа разлика. За Трајковски имаше 582.808, а Петковски доби 513.614 гласа.
Во однос на парламентарните избори, ВМРО-ДПМНЕ освои 58 мандати во новиот собраниски состав, според последните објавени резултати на Државната изборна комисија (ДИК), по преброени 99,6 отсто од гласовите во избирачките места. Зад неа е коалицијата на ДУИ, со освоени 19 пратенички мандати. СДСМ на овие избори освои 18 мандати. Коалицијата Вреди има 13 мандати во Собранието, а по шест мандати имаат Левица и партијата ЗНАМ. Имаше измени од ДИК, по првичната објава, односно коалицијата Твоја Македонија на ВМРО-ДПМНЕ изгуби еден мандат, а ЗНАМ доби еден мандат повеќе.

Во првата изборна единица, коалицијата Твоја Македонија на ВМРО-ДПМНЕ освои 76.192 гласа и би имала 10 пратеници, коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 25.730 гласа – три мандати, коалицијата од албанскиот опозициски блок Вреди (21.604), коалицијата Европски фронт на ДУИ (20.560) и Левица (19.596) по два пратеника и движењето ЗНАМ – За наша Македонија (11.211) еден пратеник.
Во изборната единица 2, коалицијата Твоја Македонија на ВМРО-ДПМНЕ со 66.422 гласа би имала осум пратеници, коалицијата Европски фронт на ДУИ со 30.626 гласа четири мандати, коалицијата од албанскиот опозициски блок Вреди има 25.820 гласа и тројца пратеници, коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со добиени 18.631 глас ќе има два мандата, како и движењето ЗНАМ – За наша Македонија (16.229), додека Левица (10.673) еден пратеник.
Во третата изборната единица, коалицијата Твоја Македонија на ВМРО-ДПМНЕ со освоени 96.546 гласа би имала 14 пратеници, коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 33.605 гласа – четири мандати, а Левица (13.404) и движењето ЗНАМ – За наша Македонија (9.426) по еден пратеник.
Во изборната единица 4, коалицијата Твоја Македонија на ВМРО-ДПМНЕ со добиени 96.536 гласа би имала 13 пратеници, коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 41.962 гласа ќе има пет мандати, додека Левица (12.427) и движењето ЗНАМ – За наша Македонија (8.405) по еден пратеник.
Во петтата изборна единица, коалицијата Твоја Македонија на ВМРО-ДПМНЕ со добиени 73.916 гласа би имала 10 пратеници, коалицијата Европски фронт на ДУИ со 27.013 – четири мандати, коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 26.904 – три мандати, а коалицијата од албанскиот опозициски блок Вреди (11.067), Левица (9.926) и движењето ЗНАМ – За наша Македонија (8.757) по еден пратеник.
Во изборната единица 6, коалицијата Европски фронт на ДУИ со освоени 53.817 гласа би имала девет мандати, коалицијата од албанскиот опозициски блок Вреди со 47.687 гласа седум пратеници, коалицијата Твоја Македонија на ВМРО-ДПМНЕ со 21.639 гласа тројца пратеници и коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 6.418 гласа еден пратеник.
Право на глас на парламентарните избори имаа 1.815.350 граѓани запишани во избирачкиот список. Се гласаше во согласност со пропорционалниот модел во шест изборни единици. Гласање за парламентарните избори во дијаспората не се спроведе бидејќи немаше доволен број пријавени наши државјани. Д.Ст.