Макрон и фон дер Лајен го притискаат Кси на трговските разговори во Париз

Францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, побарале од Кина да обезбеди поурамнотежена трговија, на почетокот на посетата на кинескиот претседател Кси Џинпинг на Париз, од кого Макрон веројатно ќе побара да изврши притисок врз Русија во однос на Украина, пренесуваат агенциите.

Кси Џинпинг престојува во Европа првпат по пет години во услови на зголемени деловни тензии кои вклучуваат истрага на ЕУ за кинеската индустрија, вклучително и субвенции за извозот на електрични автомобили, додека Пекинг го разгледува увозот на француски коњак. Макрон изјави пред разговорите дека Европа и Кина мора да ги решат структурните тешкотии, особено кога станува збор за трговијата.

„Иднината на нашиот континент, исто така, многу јасно ќе зависи од нашиот капацитет за понатамошно развивање на нашите односи со Кина на избалансиран начин“, рекол Макрон во друштво на Кси и фон дер Лајен на тркалезната маса во салата на Елисејсиот дворец.

Фон дер Лајен била поотворена, велејќи дека односот е нарушен поради нееднаквиот пристап на пазарот и кинеските државни субвенции. По состанокот, таа им рече на новинарите дека ЕУ „не може да ја апсорбира огромната хиперпродукција на кинески индустриски производи што го преплавуваат нејзиниот пазар“. „Европа нема да отстапи од преземањето тешки одлуки потребни за заштита на нејзиниот пазар“, рече шефицата на ЕК.

Во кратката изјава пред разговорите, Кси рече дека односите со Европа ги гледа како приоритет на надворешната политика на Кина и дека двете страни мора да останат посветени на партнерството.

„Додека светот влегува во нов период на турбуленции и промени, како две важни сили во овој свет, Кина и Европа треба да се придржуваат до позиционирањето на партнерите, да се придржуваат до дијалогот и соработката…“, рече Кси.

ЕУ без обединет фронт

Дваесет иседумте членки на Европската унија, особено Франција и Германија, немаат заеднички став во односот кон Кина, што не помага да се постигнат промени, се коментира во француските медиуми. Додека Париз се залага за построг став во врска со истрагата за електричните возила, Берлин сака да продолжи со поголема претпазливост, велат изворите.

Германскиот канцелар Олаф Шолц нема да им се придружи на Макрон и Кси во Париз поради претходни обврски, изјавија претходно минатата седмица извори од Берлин.

Некои француски владини претставници приватно велат дека се загрижени дека Берлин ќе се обиде да ја поткопа истрагата за електрични возила, насочена кон кинеските производители на автомобили BYD, „Geely“ и SAIC. Кина е клучен пазар за извозно ориентирана економија на Германија и нејзините производители на автомобили како што се BMW и „Mercedez-Benz“.

Француските производители на коњак се цел на кинеската антидампинг истрага ги вклучуваат брендовите „Remy Cointreau“, „Pernod Ricard“ и „Hennessey“ во сопственост на LVMH.

Франција и Кина можат легитимно да ги поддржат своите домашни индустрии, но секоја таква политика мора да биде фер и реципрочна, изјави францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер на француско-кинескиот бизнис форум.

„Ние сме далеку од балансирани во моментов“, додаде тој.

Франција, исто така, се надева дека ќе го поттикне отворањето на кинескиот пазар за нејзиниот земјоделски извоз. За време на посетата на Кси, Кина може да објави нарачка за околу 50 авиони „Airbus“.

Франција, исто така, треба да се обиде да ја притисне Кина да изврши притисок врз Москва да ги прекине операциите во Украина, но најверојатно речиси со никакво напредок. Откако Макрон го посети Пекинг минатата година, Си првпат му се јави на украинскиот претседател Володимир Зеленски, истакнуваат француските медиуми кои сепак не полагаат големи надежи во успех на настојувањата на францускиот претседател, посебно во контекстот на најавената скорешна средба на рускиот претседател Владомир Путин и неговиот кинески колега по должност Кси Џинпинг.