Македонија
Тошковски во посета на Полициската станица за граничен надзор Сопот
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во текот на денешните активности оствари работна посета на Полициската станица за граничен надзор Сопот, која покрива дел од граничната линија на север со соседна Србија.
При посетата министерот Тошковски одржа работен состанок со раководството каде беше запознаен со тековната работа, територијата на надлежност на станицата, кадровската пополнетост и состојбата со материјално-технички средства.
Министерот беше информиран дека согласно обемот на работа кој го имаат, потребно е зајакнување со човечки ресурси бидејќи под нивна надлежност е и транзитниот центар за привремено сместување на мигранти кој се наоѓа во Табановце.
„Во оваа организациска единица има доволна опременост со моторни возила и во тој контекст бев информиран дека поседуваат едно ново возило со термална камера, а неодамна е извршена поправка и на другото возило кое е опремено со термална камера кое не било во функција од 2016 година и во наредниот период ќе се разгледа можноста истото да биде преземено во некоја од другите полициски станици за граничен надзор каде нема ниедно возило од овој тип“, подвлече министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Џафери: Управнот суд и институциите да ја заштитат кредибилноста на изборите
Премиерот Талат Џафери од ДУИ, од прес-конференција во Владата се осврна на изборниот процес, и ги повика институциите да ја штитат кредибилноста.
Тој рече дека како премиер, одговорен за успешноста на изборите, добил извештаи од учесниците во изборниот процес за вознемирување во однос на обиди за изборен инженеринг со вон-институционален меѓупартиски договор за гласање и надгласување во Државната изборна комисија во врска со симптоматичните приговори поднесените од страна на учесниците во изборите.
Според извештаите, овие претензии за изборен инженеринг имаат за цел менување на соодносот на бројките во Собрание преку политички договор на маса.
„Кредибилност на изборите и на демократскиот процес, прифатен и поздравен од сите партии и од меѓународната заедница, сега е во рацете на Управниот суд и јас ги поканувам сите институции да постапат согласно Законот, без партиски или политички директиви од која било страна, и да го штитат кредибилитетот на изборниот процес докрај, без да фрлат дамка врз волјата на граѓаните изразена на изборите“, порача Џафери.
Македонија
Демири не кажа дали договорците од Токсикологија се стручни: „Тоа прашање требаше да го поставите лани“
Министерот за здравство, Илир Демири не кажа дали осумнаесетте договорци од Токсикологија се стручни, туку рече дека бил загрижен за 18-те семејства кои не добиле плата.
Прашан за тврдења во јавноста дека тие лица не исполнуваат критериуми за да работат таму, министерот рече дека тоа прашање требало да се постави во 2023 година.
„Ако некој има договор и е дел од здравствениот систем една година, кој сум јас да го прекратам договорот на тој? Ние имаме 1.390 здравствени работници кои работат по договор на дело, што би се случило кога би се прекинале таквите договори? Јас бев и менаџер на тетовската болница, сте слушнале дека сум прекратил некаков договор?“, рече министерот, додавајќи дека ќе се ангажира овие луѓе да бидат приоритет при вработување на конкурсот што веќе ќе почне по изборите, а средствата биле обезбедени.
Додаде дека го замолил директорот, Данил Петровски, пред изборите да ги продолжи договорите, но тој одбил. За разрешувањето на Петровски, Демири тврди дека тоа не било политичка кампања, а ако го разрешел пред изборите, како што рече, тогаш ќе било сфатено како политичка кампања. Петровски, според зборовите на Демири, е разрешен поради неправилности во работата.
За организациската директорка на Клиниката за токсикологија во Скопје, Бесија Иљази, министерот изјави дека таа ќе остане на својата позиција сѐ додека не го прекрши законот.
Пред речиси еден месец на прес-конференција доктори од Клиниката за токсикологија објавија дека економската директорка Бесија Илјази не дозволува вработување на двајца дипломирани биолози и еден болничар. Наместо тоа, таа инсистира да се вработат осумнаесетмина, на кои им истекле договорите за дело, а меѓу нив има лица што немаат соодветно образование. Вработените тврдат дека Илјази, спротивно на решението на ДСЗИ, кое изречно забранува присуство на невработени лица на Клиниката, ги поттикнува да доаѓаат на работа сите оние на кои им е истечен договорот.
Едното од овие лица со истечени договори, како што беше кажано тогаш, работело како болничар, а од лаборант на Клиниката барал урина во која имало наркотици да биде сменета со урина која е чиста, ама лаборантот не прифатил.
За образованието на Иљази лекарите не знаат ништо, а со неа немаат комуникација.
Македонија
Мицкоски: За разлика од Грција, Преспанскиот договор е дел од македонските институции
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање пред Самитот Македонија 2025, во врска со свечената заклетва на претседателката Силјановска Давкова истакна дека таа беше достоинствена и дека очекувал честитка од нашиот јужен сосед, наместо политички мускули.
Не очекувам односите помеѓу двете држави да се темелат на политички мускули, очекуваме да имаме добри и одлични меѓусоседски односи. Ценам како ВМРО-ДПМНЕ, а и тамошната влада предводена од Нова демократија имаат свој став поврзан со Преспанскиот договор, нити на едните ниту на другите ни се допаѓа тој договор, рече Мицкоски.
Мицкоски вели дека за разлика од Грција, Преспанскиот е дел од македонските институции, од македонскиот Устав и закони и комуникацијата во институциите и самите институции остануваат согласно Уставот, но негово основно човеково право е како својата држава ќе ја нарекува пред јавноста и медиумите.
Очекувам и да биде начин на однесување на претседателката Силјановска да се користат Македонија и македонски бидејќи на тој начин, според нашето толкување на Преспанскиот договор немаме прекршување истиот и ја користам оваа прилика до нашите пријатели од Грција да престанеме со закани, опструкции, со враќање назад, да гледаме во иднината, ова се документи кои се дел од правото. Ако тие мислат дека ние сме го прекршиле договорот тогаш постои Меѓународен суд за правда па таму ќе ги вкрстиме аргументите. Не би сакал до тоа да дојде, повикувам на пријателски односи, да се помагаме. А ако некој очекува од ВМРО-ДПМНЕ да ги повтори грешките од минатото бидете сигурни дека тоа нема да го направиме, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека се очекува да биде ратификуван протоколот кој ќе се однесува на економската соработка помеѓу двете држави.
Сакаме да економска соработка и ја користам оваа прилика да ги поканам грчките компании да инвестираат во Македонија, ние сакаме да им посакаме добредојде, како и македонски компании да инвестираат во Грција, така треба да соработуваат партнери. Нема втора можност за прв впечаток, а за жал првиот впечаток од нашиот јужен сосед наместо честитка за убедлив триумф и на ВМРО-ДПМНЕ и на Силјановска видовме на отворена сцена политички мускули иако тоа се што е од Преспанскиот договор и повеќе е имплементирано во Македонија, а од тоа што можеме да видиме што се случува таму основните три работи не ги завршиле. Сакаме добрососедски односи и очекувам да во најскоро време со грчкиот премиер се видиме и разговараме за соработка во туризмот, економија, образование и така натаму, изјави Мицкоски.