ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2024 Охрид ТОП ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ традиционално ја стартува кампањата од Охрид, вечерва митинг на Градскиот плоштад

Охрид, 18. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“, со голем народен митинг, вечерва традиционално ќе ја започнат кампањата за парламентарните избори од Охрид.

На настанот, кој со почеток во 20:00 часот ќе се одржи на Градскиот плоштад во Охрид, ќе зборуваат, д-р Ѓорѓија Сајкоски, носител во Петтата изборна единица, кандидатката за претседател на Република Македонија, проф. д-р Гордана Силјановска- Давкова и претседателот на партијата проф. д-р Христијан Мицкоски.

Седумнаесет партии и коалиции, од кои 13 имаат листи во сите 6 изборни единици, од ноќеска се во трка за 120-те пратенички места во Собранието на Република Македонија. На парламентарните избори 2024 е поднесена и листа од група избирачи, Ѓула Челику, која влез во парламентот ќе бара само преку шестата изборна единица.

Од Општинската изборна комисија од Охрид информираат за променетите локации на гласачките места за претстојните претседателски и парламентарни избори 2024 година.

Поради Велигденските празници, парламентарните избори ќе се одржат во среда, на 8-ми мај 2024 година. Владата претходно одлучи среда, 24-ти април и 8-ми мај 2024 година (среда) да бидат неработни денови за сите граѓани на Република Македонија, заради непречено спроведување на изборите за Претседател на државата и изборите за пратеници во македонското Собрание и овие два неработни дена нема да се одработуваат. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: НетПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука