Search

50 години од книжевниот класик „Кери“ на Стивен Кинг

Во април 1974 беше издадена култната книга „Кери“ од светски познатиот Стивен Кинг, кој до сега нема конкуренција кога се работи за психолошки трилери со драма елементи.

Поминаа 50 години а вредностите и поуките од оваа книга се се уште актуелни. Во пресрет на матурските прослави „Кери“ потсетува дека секој заслужува да биде прифатен без разлика како изгледа, од каде доаѓа и на која класа припаѓа.

Корица на првото издание на „Кери“

Објавен пред 50 години, на 5 април 1974 година, Кери е дебитантски роман на „кралот на ужасот“, едноставна, но извртена приказна за средношколка која не се вклопува. „Жабата меѓу лебедите“, „ жртвена коза“, неговата протагонистка – ќерка на самохрана мајка полудена од Библијата – се трансформира во прекрасна матурска кралица, но изгледа премногу добро за да биде вистина. Крајот е ужасен, ужасен е заради лудилото на злото кое владее меѓу луѓето!

Вистинските ѕверови секогаш се меѓу луѓето. Тоа не се натприродни суштества, тоа се обични ѕверови од човечкиот род. Најголемиот хорор на Кинг секогаш се врти околу човекот. Низ фантастични и паранормални ситуации, неговите ликови стануваат тоа што се – некои херои и некои негативци.

За да го изгради ликот на Кери, авторот бил инспириран од две девојки кои ги познава од средно училиште, кои биле подеднакво осамени и социјално отфрлени. Едната, наречена Сондра, живеела со нејзината мајка, која била верски фанатик, а другата, Доди, секој ден доаѓала на училиште во иста облека. И двете биле исмејувани од своите врсници и никогаш не се вклопиле.

Изненадува фактот дека оваа книга е напишана пред 50 години, кога немало социјални мрежи и паметни телефони. И покрај тоа што е напишан во време пред паметните телефони и социјалните мрежи, истата болка на тинејџерките на романот се чувствува и денес.

Две години по објавувањето на романот, Кери беше адаптирана во филм на режисерот Брајан Де Палма.

Сиси Спејсек во улога на Кери од култната екранизација на Брајан де Палма од 1976 година

Водечката актерка во филмот „Кери“, Сиси Спејсек, по повод 50-годишнината од романот за дневниот весник „Њујорк тајмс“, среда, 27 март 2024 година, изјави:

– Стивен Кинг погоди точно во центар со „Кери“. Тој создаде приказна која му даде глас на аутсајдерот и која продолжува да одекнува 50 години подоцна-

Со објавувањето на филмот, романот на Кинг доби огромна популарност, со продажба до четири милиони примероци. Влијанието што Стивен Кинг го имаше не само на хоророт како жанр, туку и на уметноста и раскажувањето во целина е неверојатно. Направени се неверојатни 86 филмски адаптации на неговите романи, особено адаптацијата на Стенли Кјубрик на „The Shining“, повеќекратните адаптации на романот „IT“ и „Misery“. Иако е најпознат по тоа што е автор на хорор, тој стои и зад приказните надвор од жанрот. Двата филмови „Stand by Me“ (реж. Роб Рајнер) и „The Shawshank Redemption“ (режија Френк Дарабонт), кои на никаков начин не се хорор, туку се дефинирани како полнолетство и драма, соодветно, беа адаптирани од раскази напишани од Кинг.

Стивен Кинг има објавено над 60 романи кои се продадени во над 350 милиони примероци ширум светот.

Најново

Последни колумни