На сметките на граѓаните во изминатите пет месеци легнаа 662 милиони евра

Мерките почнаа од 1 декември, а со нив беа опфатени 120 илјади млади лица, повеќе од 74 илјади социјално ранливи категории граѓани, над 187 илјади пензионери, 40 илјади земјоделци, речиси 540 илјади корисници на апликацијата Мој ДДВ, 600 илјади домаќинства и над 70 илјади компании

Вчера на сметките на корисниците на посебен додаток и на правото на надоместок заради попреченост, како и на самохраните родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и пензионерите со примања до 19.000 денари, легна петтата и последна рата од финансиската помош.

Според информациите од Министерството за труд и социјала, мерката нема да продолжи, а како во иднина ќе им се помага на ранливите категории, ќе определи новата влада. Ученици, студенти, ранливи категории семејства, пензионери со ниски пензии, лица со посебни потреби, самохрани родители, земјоделци, како и компании, беа опфатени со 26-те нови антикризни мерки на Владата во износ од 662 милиони евра.

Владата со овие пари се обиде да им помогне на ранливите категории граѓани и компаниите, за да ги надминат тешкотиите во услови на зголемени трошоци на живот и продолжени ефекти од енергетската криза.

– Според член 4 од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани („Службен весник на РСМ“ бр. 269/23), финансиската поддршка за корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари се исплаќа за период од пет месеци, почнувајќи од декември 2023 година. Законот не предвидува продолжување на исплатата по истекот на овој рок – информираа за „Слободен печат“ од Министерството за труд и социјала.

Од декември до април за поддршка на пензионерите беа планирани да се потрошат 35 милиони евра. Пензионерите со пензија до 14.000 денари добиваа по 3.000 денари месечно, тие со пензија од 14.000 до 16.000 денари по 2.000 денари месечно, а по 1.500 денари беше месечната поддршка за тие со пензии од 16.000 до 19.000 денари.

Мерките почнаа од 1 декември, а со нив беа опфатени 120 илјади млади лица, повеќе од 74 илјади социјално ранливи категории граѓани, над 187 илјади пензионери, 40 илјади земјоделци, речиси 540 илјади корисници на апликацијата Мој ДДВ, 600 илјади домаќинства и над 70 илјади компании. Финансиската поддршка за лицата опфатени со овој закон, изнесуваше 2.000 денари месечно за корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост и самохрани родители што се корисници на гарантирана минимална помош, за период од пет месеци.

На 1 март пензиите се зголемија за 5,3 отсто, а новото, според законот следува во септември. Со ова покачување, најниските пензии се зголемија за околу 600 до 800 денари. Во оваа најниска група спаѓаат околу 40 отсто од пензионерите, или околу 140 илјади пензионери.

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави