• понеделник, 13 мај 2024

Клоп: Ливерпул ќе продолжи да се развива и откако ќе си заминам

Клоп: Ливерпул ќе продолжи да се развива и откако ќе си заминам

Ливерпул, 5 мај 2024 (МИА) - Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп изрази уверување дека тимот ќе продолжи да се развива и по неговото заминување на крајот од актуелната сезона. Германецот помина девет многу успешни години на „Енфилд“, а за негов наследник се очекува да биде избран Холанѓанецот Арне Слот кој моментално го води Феенорд.

Веќе на крајот од минатата сезона започна подмладување во Ливерпул. Големи фигури како Роберто Фирмино, Џејмс Милнер, Фабињо и долгогодишниот капитен Џордан Хендерсон го напуштија тимот, заедно со Садио Мане, кој замина една година порано, додека беа донесени Алексис Мекалистер, Доминик Собослај, Рајан Гравенберг и Ватару Ендо.

-Секако дека би сакал да се разделам на поинаков начин со Ливерпул. Пет или шест бода повеќе ќе не држеа во трката за титулата. Но, ако ја споредите ситуацијата сега со кога дојдов пред девет години, ќе видите голема разлика. Во моментов го имаме Ливерпул 2.0, кој нема да престане да се развива со моето заминување, можеби и ќе започне нов проект, изјави Клоп.

Беше категоричен дека доколку останел на „Енфилд“ уште една година, нема да можел доволно добро да ги извршува обврските.

-Сигурен сум дека да не ја донесов оваа одлука сега, следната година ќе беше многу тешка. Мора да бидете полни со енергија за ваква работа. Да се ​​биде на 80 проценти не е доволно. Тоа е вистината. Тоа е работа 24/7. Да, има поважни работи во животот, но ако се грижиш, тогаш работиш 24/7 според стандардите што ги има еден клуб како Ливерпул, изјави поранешниот тренер на Борусија Дортмунд. дс

Фото: Архива

Остани поврзан