Бајден ќе му додели 20 милијарди долари на производителот на чипови „Интел“, за да ја намали зависноста од Кина и Тајван

by Fokus

Американскиот претседател Џо Бајден најави дека ќе додели речиси 20 милијарди долари грантови и заеми на производителот на чипови Интел. Бајден најави прелиминарен договор за грантови од 8,5 милијарди долари и заеми до 11 милијарди долари на Интел во Аризона, каде дел од парите ќе бидат инвестирани во изградба на две нови и модернизација на постоечката фабрика.

Пандемијата предизвика сериозен недостиг на полупроводници откако фабриките се затворени и тоа ги зголеми цените, рече Бајден, додавајќи дека затоа одлучил да инвестира во Америка.

„Ќе овозможиме производството на напредни полупроводници да се врати во Америка по 40 години. Ако ги измисливме во Америка, тогаш треба да се произведуваат во Америка“, додаде тој.

Министерката за трговија Џина Раимондо во вторникот рече дека договорот предвидува инвестиција која е меѓу најголемите во историјата на секторот. Администрацијата сака да го зголеми уделот на САД во напредното производство на чипови од нула на 20 проценти до 2030 година преку програма за субвенционирање.

Законот има за цел да ја намали зависноста од Кина и Тајван бидејќи американскиот удел во глобалниот капацитет за производство на полупроводници падна од 37 отсто во 1990 година на 12 отсто во 2020 година, според Здружението на производители.

Поврзани новости